Откако неколкумина македонски граѓани загинаа на странските боишта на Блискиот Исток, Собранието изгласа измени во Кривичниот законик со што беа зголемени казните за учесниците во странски паравојски. Министерот за правда Аднан Јашари денеска на оваа тема разговараше со амбасадорот на САД задолжен за прашања поврзани странските борци во Сирија, Роберт Брадке. Тој соопшти дека македонските институции работат на превентивни мерки кои треба да ги спречат сите граѓани во ваквите намери.
Се работи, пред сè, на создавање на превентивни мерки во насока на дејствување на сите државјани да не одат да се борат во туѓи војски, пред сè во земјите од Блискиот Исток.Аднан Јашари, министер за правда.
„Имавме средба со амбасадорот и го информирав за законските измени во Кривичниот законик, односно за постапката за примена на овие одредби во Кривичниот законик. Исто така го известив амбасадорот дека се работи, пред сè, на создавање на превентивни мерки во насока на дејствување на сите државјани да не одат да се борат во туѓи војски, пред сè во земјите од Блискиот Исток. Целта на овие мерки е зачувување на имиџот на верата, пред сè на исламот и на нивната национална припадност“, вели министерот за правда Аднан Јашари.
Американскиот амбасадор, Роберт Брадке, на оваа тема ќе разговара и со премиерот Никола Груевски. Тој истакна дека Македонија е одличен партнер на САД кој работи на решавањето на овие проблеми и посочи дека многу е важно како ќе се применува законот во практика.
Новиот закон е добредојден и најважно е како законот ќе биде имплементиран. Бидејќи, една работа е да се има закон, а друга работа како законот ќе биде спроведен во практиката.Роберт Брадке, амбасадор на САД задолжен за прашања поврзани странските борци во Сирија.
„Ова е проблем за кој постои голема загриженост кај Македонија и кај САД. Ова се борци кои доаѓаат од 80 земји, вклучително и од САД. Тие одат во Сирија и Ирак, учествуваат и се борат за странски терористички организации, како Исламската држава и Ал Нусра. Ние сме загрижени поради неколку причини: една е поради тоа што борците го прават внатре во Сирија и Ирак. Тие го тероризираат локалното население и извршуваат страшни дела врз заложниците кои ќе ги заробат. Исто така сме загрижени и за потенцијалот на овие борци кој го имаат откако ќе се вратат во нивните земји или, пак, во други земји. Ние ја делиме оваа загриженост со Владата на Македонија и земјата е одличен партнер кој работи со нас на овој проблем. Новиот закон е добредојден и најважно е како законот ќе биде имплементиран. Бидејќи, една работа е да се има закон, а друга работа како законот ќе биде спроведен во практиката“, вели амбасадорот Роберт Брадке.
Со измените на законот се предвидени затворски казни од најмалку пет години за директните учесници во странска паравојски или друг вид на пара-формации. Исто толку години затвор ќе добијат и оние кои директно или индиректно ќе нудат, даваат, собираат или прикриваат финансиски средства, фондови и опрема наменети за кривични дела од ваков тип. Најмалку четири години затвор, ќе добијат и оние кои поттикнуваат и регрутираат преку социјални мрежи, пишан текст, преку аудио-визуелни снимки и друг облик на комуникација. Македонските државјани ќе може да учествуваат само во меѓународно признати мисии и мисии на меѓународни организации.