Реџепи - Ако се гине, подобро за Македонија отколку за Сирија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со Реис ул-улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, поглавар на Исламската верска заедница во Македонија.

Џихад е кога граѓанинот, верникот се става во одбрана на татковината. Каква татковина на тие луѓе е Ирак, каква татковина им е Сирија, ако се од Македонија, тогаш нивна татковина е Република Македонија. Aко треба да се загине, се гине за Македонија, вели поглаварот на ИВЗ, реис Сулејман Реџепи во интервју за Радио Слободна европа.

Каква е вашата проценка, колку радикалниот ислам е распространет низ Македонија?

Во Република Македонија неколку години наназад веќе има смирување во тој поглед, што значи дека тоа движење што беше, што јас секогаш го именував како верско-политичко движење, оти тоа не е чисто верски, како да не постои во Македонија. Тоа значи дека состојбата е таква што тие луѓе исламската заедница со своите сили, лично јас како поглавар на Исламска верска заедница, неколкумина луѓе во Македонија за којшто сметавме дека припаѓаат на такво нешто, по пат на дијалог, по пат на разговори, по пат на практиката, со оглед дека реалноста во Македонија, реалноста на муслиманите, примената на исламот во Република Македонија, не прифаќа да се биде во едно такво движење, туку сите верници, 99, 9 проценти се наклонети кои институцијата Исламска верска заедница и тие земајќи го предвид тоа, ми се чини дека самите тие донекаде почнаа да се освестуваат и веќе еве немаме никакви турбуленции, нема никакво движење, немаме никаква примена на насилство итн. Неколкумина до нив ние ги ангажиравме по верските објекти, со претходно потпишување на една декларација од нива страна, дека ја признаваат институцијата Исламска верска заедница, комплетно нормативниот систем на Исламската верска заедница, комплетниот закон за црква, верски заедници и религиозни групи, тоа значи и државните норми и правила во таа насока и ние прифативме да ги овластиме да вршат верски обреди, меѓутоа тие секогаш се под контрола на Исламска верска заедница и барем досега имаме примена од нивна страна на традиционалниот ислам, тука во Република Македонија.

Велите радикално–политички структури. Кога велите политички на што точно мислите? Какви политички?

Ако зборуваме за вахабизам, по се изгледа дека таа појава на целиот Балкан, во Европа и пошироко, носители на такви движења се вахабистите, со оглед дека кога е засновано тоа движење не е само верско, туку тука е комбинирана и политиката. Јас сум задоволен што во Република Македонија во последно време навистина, ние во Исламска верска заедница долго време се мачевме некако да ги смириме тие страсти, да ги воведеме луѓето на правиот колосек, оти исламот не е тука од сега, од кога се осамостои Македонија, исламот, институционално на Балканот е преку 624 години. На таа идеологија не и беше целта само Македонија, туку Балканот воопшто и Европа во целина. Веројатно зад една таква активност стои една финансиска поддршка, голема финансиска поддршка и јас верувам дека едно такво движење ќе исчезне кога ќе нема финансиска поддршка.

Велите дека ситуацијата со радикалниот ислам во последно време во Македонија се смирува. Неодамна изјавивте дека постојат џамии кои не се под контрола на ИВЗ и тогаш рековте дека работа на МВР е да ги реши проблемите таму. За колку џамии се работи и се подобри ли соработката со МВР?

Мојата изјава што беше дадена, нас никогаш не се одрекнувам од тоа што ќе го кажам јавно и службено, јас дури тоа и го назначив како не е под контрола. Во една џамија, што е репрезентативна џамија и историско-културен споменик како Јаја Пашината џамија, туку вработените, тоа значи верскиот службеник, неговиот помошник се назначени од страна на Исламска верска заедница и тие се наши вработени, меѓутоа мутавелијата, мутавелија е личноста која е одговорна за одржување на џамијата, за редот во џамијата, таа личност апсолутно не е поставена од наша страна, и ја нема нашата поддршка и нашата согласност.

Тоа се уште е така?

Да, уште е така. Мене изгледа министерката погрешно ме сфати и рече дека немаат намера да влегуваат по џамии. Јас не сум рекол таа да влегува во џамија, ниту имам намера да барам нешто такво, туку надлежните органи во државата доколку некоја институција, без разлика дали е тоа Исламска верска заедница или Македонска православна црква им се обраќа и бара помош во нивниот домен на надлежноста, тоа треба да го сторат. Ние во неколку наврати поднесовме пријави против едно лице кое не дава ние како Исламска верска заедница да ја контролираме џамијата.

Јаја Паша и која друга џамија?

Тутунсези џамија. Во таа џамија немаме ниту верски службеник назначен и таму повеќе пати сум рекол и еве пак ќе повторам – Кој ќе го изгуби синот, ќе го најде таму во таа џамија. И сега не знам како министерката мене ме сфати и како треба да ме сфати, тоа е пред се јавен објект, доколку има пријава од страна на Исламска верска заедница, надлежните органи треба да проверат што е тоа. Тоа значи дека ако има некое засолниште или ако се вртат се уште некои елементи од таканаречениот исламскиот радикализам, тоа значи дека тука може да се најдат. А никаде во цела Македонија, апсолутно нема.

Имаше неколку луѓе кои загинаа борејќи се на страната на ИСИЛ. Кој според вас, како прв човек на ИВЗ, е одговорен да го спречи одењето на младите луѓе во туѓи војни?

Ние како Исламска верска заедница, ниту некој не консултирал, ниту некој разговарал со нас. Тие неколкумина луѓе што се заминати таму, веројатно тоа го сториле најскришно. Веројатно тие знаеле дека ако дојде некој да се консултира со нас не доаѓа во предвид да ја добие нашата согласност и да го има благословот на ИВЗ. Што бараат нашите луѓе таму, без оглед кои се, што бараат на тие фронтови? Што ги обврзува? Апсолутно ништо не можеме да кажеме дека ги обврзува. Има само две работи во тоа, ако некој е „обработен“ или што се вика „перење на мозок“, инаку нормален човек нема да одлучи свесно да оди на едно такво боиште и како второ материјалниот интерес. Откако се дозна дека загинал тој и тој, ние се интересиравме како институција и навистина таа фамилија е социјално загрозена, што се вика до патос и веројатно тој интерес, материјалниот интерес луѓето ги привлекува. Друго не велам дека нема и „перење на мозок“ од некои активисти, кои не значи дека се тука во Македонија, тие се движат низ регионот и со патни исправи и со лични карти, веројатно некој поминал и низ тој филтер. Зошто велам дека Исламска заедница е против, заради тоа што со одредбите, начелата на исламот, не дозволуваат да се оди на такви боишта, ниту пак може да се третира дека тоа е џихад. Џихад е кога граѓанинот, верникот се става во одбрана на татковината. Каква татковина на тие луѓе е Ирак, каква татковина им е Сирија, ако се од Македонија, тогаш нивна татковина е Република Македонија. Aко треба да се загине, се гине за Македонија, во одбрана на територијалниот интегритет на својата држава, на својата татковина. И заради тоа исламската верска заедница од кога беше иницијативата да се усвои еден закон како превентива, верувам дека ние бевме меѓу првите верски заедници ја дадовме нашата согласност и го прифаќаме тој закон и го поддржуваме.

Имаше обвинувања дека наплаќате превисоки цени за заминување на аџиите на аџилак. Како го коментирате тоа?

Во оваа прилика јавно изјавувам дека ние сме најевтина верска заедница на Балканот и во Европа, што организираме аџилак. Секогаш во Косово аранжманот на аџијата повеќе чини отколку нашиот.

Тоа беше забележано и во извештајот на Стејт департментот.

Ова укажување е чисто тенденциозно или некој се обидел од нашите надлежни во државата, преку разговори со американската амбасада да кажува дека Исламската верска заедница не е дискриминирана како што кажува поглаварот, туку го гледаме низ прсти со оглед дека тие прават ова и она.

Се чувствувате ли се уште дискриминирано во однос на Македонската православна црква, кога е во прашање државата?

Не само јас што ќе го кажам ова, би било пријатно и другите верски заедници во Македонија да ги прашате. Секоја верска заедница во Македонија, освен Македонска православна црква, се чувствува дискриминирано, заради тоа што го немаме истиот третман, на нас не гледаат исто од страна на државата и по однос на образование, по однос на воспитно-едукативните институции што ги имаме. Ние како Исламска верска заедница сме ставени во милост и немилост од страна на државата, а на нив им дава помош и она што е најглавно имотот на ИВЗ со денационализација, многу бавно, ептен бавно оди и не знам како ќе заврши, а доаѓа време тој процес да заврши, а немаме ни 15 отсто од целиот имот одземен од поранешниот систем, што ни се вратил на нас.

Во Македонија се има впечаток дека секогаш раководството на верските заедници е блиско до политичките партии кои се на власт. Каков е вашиот личен однос со ДУИ?

Што се однесува до ДУИ, ние не сме имале ништо конкретно, да речеме еве да се ставиме во таа служба, да бидеме блиску до ДУИ со оглед дека ДУИ помага на Исламска верска заедница, ја тргнува од дискриминација, апсолутно ништо. Ако ДУИ не ја смени тактиката, ако не ја смени стратегијата, не би требало да стои во владата, треба сите да си се вратат во своите фамилии, со оглед дека тие немаат никаква надлежност. Ова е мое убедување, оти практично сум се обидел преку ДУИ овие работи некако да ги смениме, немаат надлежност луѓето, целата власт е концентрирана во една личност во државата. Во хиерархијата, ниту долу, ниту горе некој е областен и нема никаква власт, исклучиво кабинетот на премиерот на Република Македонија, тој одлучува. Мене ми е жал, јас сум се обидувал и претседателот на државата, особено во првиот мандат, да го почитувам како претседател на сите граѓани, дури го носевме по цела Македонија на ифтари за време на месецот на постот Рамазан, ама за жал тој човек нема никаква надлежности.