Навид Булбулија и Саша Џино од сараевското здружение „Други угао“, Симон Вучковиќ и Озрен Миждало од Црна Гора, Алекса Гајиќ, Ивица Сретеновиќ и Драган Пауновиќ од Србија, Шпенд Бенгу, Игли Левани и Едмонд Папатимиу од Албанија, Ергун Гундуз и Сонер Туна од Турција, Ѓон Марку и младите Дора Тарани и Дафина Тачи од Косово и Мирко Бојаџиевски, Милан Милиќ и Александар Стефанов од Република Македонија, се само некои од познатите балкански автори кои ќе учествуваат на 12-от по ред Интернационален стрип салон „Велес 2014“.
Секој наш фестивалски настап надвор од Македонија значи многу. Не само што го промовираме она што се случува во земјава во областа на стрипот туку имаме и одлични можности да се запознаеме со луѓе, стрип автори и организатори.Иванка Апостолова, стрип автор.
Манифестацијата се одржува во тесна корелација со проектот „Ново балканско пријателство“, финансиран од Фондацијата „Принц Клаус Фонд“ од Амстердам, Холандија. Неговата цел е зајакнување на стрип културата во балканските земји, потоа создавање и развој на мрежа на стрип автори и здруженија од земјите кои не се членки на Европската унија, како и да се обезбедат подобри можности за делување на стрип творците и организациите кои делуваат во овој домен.
Учесниците годинава работеа на ориентационата тема „Позитивни јунаци“, а нивните дела ќе бидат објавени во специјален број на ревијата „Стрип креатор“, како и на веб сајтот www.comicscenter.mk.
Специјален гостин на Салонот ќе биде Ервин Рустемагиќ кој ќе одржи предавање на тема „Како да се продаде стрипот?“ и кому ќе му биде доделено специјално признание за развој на светскиот стрип.
Кога сме веќе кај наградите и признанијата, не смее да се заборави дека овој пат Годишното признание за развој и афирмација на македонскиот стрип, именувано според прерано починатиот Љупчо Филипов, ќе го добие стрип книжарницата „Бункер“ од Скопје.
Кон ова уште информацијата дека во рамките на 12-ти по ред Интернационален стрип салон „Велес 2014“ свое излагање од областа на стрип теоријата ќе има д-р Бошко Караџов, а со посебно внимание се очекуваат засебните промоции на стрип сцените на земјите учеснички на манифестацијата, како и неформалните меѓусебни контакти на авторите кои најконкретно влијаат врз изѕидувањето на новите балкански стрип мостови и взаемни културни комуникации.
Во контекст на ова, вредно е да се спомене дека македонските стрип автори Иванка Апостолова, Александар Стефанов, Златко Крстевски и Весна Ничевска Саравинова, како и карикатуристот Јордан Поп Илиев, беа специјални гости на јубилејниот 10-ти Меѓународен фестивал на стрип и карикатура што, од 11 до 14 октомври, се одржа во Призрен, Косово.
„Секој наш фестивалски настап надвор од Македонија значи многу. Не само што го промовираме она што се случува во земјава во областа на стрипот туку имаме и одлични можности да се запознаеме со луѓе, стрип автори и организатори, кои нè покануваат да учествуваме на сличните манифестации во Турција, Србија, Романија, на Кипар. Разбирливо, остваривме и убави контакти со колегите од Косово, а морам да напоменам дека мене лично посебно ми остави впечаток атмосферата во градот и гостопримството на луѓето“, вели Апостолова, која во Призрен го промовираше стрип албумот „Personal Futurism Public Politics“.
А, кога веќе говориме за тамошните претставувања, да спомнеме и тоа дека Крстевски говорел за делувањето на Центарот за визуелна уметност „Визант“ од Прилеп, а Стефанов го промовирал краткиот стрип „Вистинска љубов“, илустриран од Кирси Салонен, кој, пак, е второнаграден на конкурсот на Интернационалниот стрип салон „Велес 2014“ кој се одржува во организација на Стрип центарот на Македонија.