Стојковски – Слаба заштита на човековите права

Андреја Стојковски.

Во услови на контрола на судството во Македонија, мала е вистинската реализација на заштитата на човековите права, вели Андреја Стојковски, правник - истражувач во областа на примена на правото на Европската унија пред националните и пред Европскиот суд на правдата, во разговор за Радио Слободна Европа.

Господине Стојковски како ја оценувате застапеноста на заштитата на човековите права во правниот систем на Македонија?

Систем којшто само претендира да биде демократија поради тоа што спроведува избори, не се грижи за останатите прерогативи на демократијата. Во Македонија многу малку се зборува за заштитата на правата и за она што се прифатени стандарди. Има многу малку правни лекови коишто луѓето можат да ги искористат, дури и она што го имаме како инструменти за заштита на човековите права, во услови на контрола на судството многу малку можете да добиете вистинска реализација на заштитата на човековите права. Ние зборуваме за уставно гарантирани права на човекот и граѓанинот во повеќе категории. Македонија е потписник на Европската конвенција за човековите права од 1997 година, меѓутоа досега инструментите биле многу лоши. Тоа практично ни го покажува и праксата којашто ја имаме во Судот во Стразбур, предметите коишто таму се водат, меѓутоа и неможноста граѓаните брзо да реализираат свое право. Процесот до доаѓање до правда е многу одложен.

Искуствата во областа на владеење на правото покажуваат дека Македонија има добар правен систем на хартија, но во практиката постојат проблеми.

Еве конкретен пример. Во Уставот на Република Македонија стои дека сите меѓународни договори коишто се ратификувани во согласност со Уставот се составен дел на внатрешниот правен поредок. Во Законот за судови стои дека судовите судат врз основа на Уставот и Законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Во правилата за работа на Судскиот совет се вели дека судија којшто нема да се повика на пресуда на Европскиот суд за човекови права при расправање на случаи, може да биде разрешен. Досега немаме ниту еден пример на разрешен судија поради тоа што не се повикал на пресуда на Судот од Стразбур. Тоа не значи дека Судот од Стразбур е почитувана институција и тоа не значи дека неговите пресуди се применуваат. Има многу малку судии коишто се повикуваат на пресудите од Стразбур. Дури ако пребарувате за интернет страницата на Уставниот суд, ќе видите многу малку одлуки на судот во коишто се повикувал на пресудите од Стразбур и тоа вообичаено се издвоени мислења на некои од судиите. Кога станува збор за редовното судство, тоа е уште потешко да го утврдите. Многу малку судии се повикуваат на пресудите на Судот од Стразбур, а тоа е начинот на којшто ние би можеле да ги толкуваме, не само правата што ги гарантира Конвенцијата, туку правата што ги гарантира Конвенцијата споредени со правата коишто се гарантирани со Уставот.

Во вашето истражување посочувате дека во Македонија колективните права се далеку повеќе од индивидуалните?

Тоа го кажаа сите учесници во процесот на истражување. Сите зборуваа за фактичката состојба којашто вели дека граѓаните повеќе ги препознаваат колективните права. Прво, состојбата е таква! До 2001 година имавме една состојба, а од 2001 година велиме дека сме ја надминале претходната, ама повторно се стававме во процедури на исполнување на колективни права. Дури и оние коишто се врвни индивидуални права, ние ги препознаваме како колективни права. И тоа е така бидејќи политичкиот систем не е на доволно ниво на развој, поради тоа што политичката култура е таква каква што е. Еве да речеме правото на избор. Кај нас изборите не се сфаќаат како право на избор, како индивидуално право, што значи јас да ја разгледам понудата, програмите на кандидатите и да одлучам. Во Македонија изборите се сфаќаат како групен избор, да гласам за оној којшто е поблизок до мојата група. И тоа не само кај албанската етничка заедница, туку и кај сите други.