Препораката во ќорсокак

Евроамбасадорот Аиво Орав му го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија на претседателот Ѓорге Иванов.

На новинарско прашање зошто и покрај забележаното назадување, Европската комисија ја повторува препораката за преговори, евроамбасадорот Аиво Орав рече дека не е земена предвид само оваа година, туку целокупниот напредок во изминатиот период.

Веста дека Македонија по шести пат доби препорака за почеток на преговори за членство во Европската унија поминува во сенка на критичниот тон на извештајот за напредокот на нашата земја. Македонија бележи застој во евроинтегративниот процес и мал напредок во изминатата година, јасно посочи еврокомесарот за проширување во заминување Штефан Филе.

Процесот за пристапување во ЕУ со Македонија е во ќор-сокак. Потребни се активности за да се надминат назадувањата. Не помалку важна е слободата на изразување на медиумите и независноста на судството, постои и итна потреба да се преговара за заедничко прифатливо решение за прашањето за името, а власта и опозицијата треба да преземат чекори за да се врати политичкиот дијалог во Собранието.
Штефан Филе, еврокомесар за проширување во заминување.

„Процесот за пристапување во ЕУ со Македонија е во ќор-сокак. Потребни се активности за да се надминат назадувањата. Не помалку важна е слободата на изразување на медиумите и независноста на судството, постои и итна потреба да се преговара за заедничко прифатливо решение за прашањето за името, а власта и опозицијата треба да преземат чекори за да се врати политичкиот дијалог во Собранието“, изјави Филе.

Со пораката „Ве молам помогнете ни за да Ви помогнеме“, амбасадорот Орав изрази жалење за малиот напредок во изминатата година. Уверувајќи дека извештајот на Комисијата е искрен и со јасни пораки до сите, евроамбасадорот Аиво Орав ги посочи сериозните забелешки во неколку конкретни области.

Не ја земаме предвид само оваа година. Со оглед на кумулативниот напредок што земјата го постигна, Комисијата смета дека политичките критериуми и понатаму се исполнети и ја задржува својата препорака за отворање на пристапни преговори, но жали поради назадувањето во последната година.
Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Македонија.

„Сè поголемата политизација на државните институции, контрола на владата врз медиумите, исто така и во контекст на изборите, слобода на изразувањето, ситуацијата во врска со тоа и понатаму се влошува, постои политичка криза, интересите на партиите сè повеќе ги надминуваат интересите на државата, независноста на судството и борбата против корупцијата“, рече Орав.

На новинарско прашање зошто добиваме препорака за почеток на преговори кога бил забележано назадување, Орав со одговор:

„Не ја земаме предвид само оваа година. Со оглед на кумулативниот напредок што земјата го постигна, Комисијата смета дека политичките критериуми и понатаму се исполнети и ја задржува својата препорака за отворање на пристапни преговори, но жали поради назадувањето во последната година“, рече Орав.

Тој јасно стави до знаење дека сакаат да видат поголем напредок во земјата. Се надевам дека овие јасни критички пораки до Владата ќе бидат сериозно прифатени и дека овие прашања конечно ќе бидат решени, рече Орав.

Тој не сакаше да прогнозира дали следната година земјава ќе успее да ја задржи препораката, односно ќе помине неказнето доколку не ги спроведе реформите во критичните области. Јасно заклучи дека позицијата на Европската унија е јасна, а тоа е како што рече да се поттикне Владата да дејствува на најконструктивен начин и да ги реши посочените проблеми.