Цивилните инвалиди од војната бараат промена на законот

Осман Машкули, член на дебарското Здружение на цивилните инвалиди од Втората светска војна.

Ако се изземе проблемот со роковите на доставувањето на барањата, цивилните инвалиди имаат одлична позиција во општеството, а нивните примања се мошне добри.

Дебарското Здружение на цивилните инвалиди од Втората светска војна, во кое членуваат лицата од оваа категорија од општините Дебар и Центар Жупа, бараат промена и дополнување на законот за Цивилни инвалиди од војната во однос на рокот на поднесување на барањето по добиениот инвалидитет од заостанат експлозивен материјал од Втората светска војна.

Положбата на оваа категорија на инвалиди во општеството е на високо ниво и дури е на повисоко ниво во споредба со другите категории на инвалиди, како што се трудовите инвалиди, потоа телесните инвалдиди и други категории“, вели Машкули.
Осман Машкули, дебарско Здружение на цивилните инвалиди.

Според ова граѓанско здружение, се случува поради објективни причини по тешкиот инвалидитет, лекувањето да се врши подолго или во странство, но и поради други објективни причини, да измине рокот за поднесување на барањето.

Осман Машкули кој е еден од основачите на дебарското Здружение, но и Здружението на ниво на Македонија, пренесувајќи ја позицијата на оваа категорија на инвалиди, оценува дека ако се изземе проблемот со роковите на доставувањето на барањата, цивилните инвалиди имаат одлична позиција во општеството, а нивните примања се мошне добри.

„Ние како цивилни инвалиди од војната сметаме дека треба да сме задоволни од нашата позиција. Положбата на оваа категорија на инвалиди во општеството е на високо ниво и дури е на повисоко ниво во споредба со другите категории на инвалиди, како што се трудовите инвалиди, потоа телесните инвалдиди и други категории“, вели Машкули.

Во локалното Здружение на цивилните инвалиди во Дебар членуваат 16 инвалиди од кои дури 4 не го користат надоместокот за цивилен инвалидитет поради испуштениот рок во доставување на барањето. Станува збор и за лица кои се лекувани во странство, подолг период додава Машкули.

„Се јавува проблем во однос на рокот за доставување на барање за здобиениот инвалидитет. Лицата кои се тешко повредени од заостанатиот експлозивен материјал од Втората светска војна поради одредени објективни проблеми не успеваат во времето односно рокот да достават барања со потребните документи. Тие треба во рок од една година да поднесат барање за утврдување на статусот на цивилен инвалид. Ние сметаме дека тоа не е во ред со оглед дека има случаи кога одредени вакви лица се лекуваат во странство или пак имаат и други објективни причини и не го запазуваат тој рок. Имаме едно младо лице кое ете не го запази рокот, се лекуваше надвор. Тоа лице е член во нашето здружение, но не добива надомест за цивилен инвалидитет

РСЕ : Значи барате промена на законот?

„Да. Ние бараме промена на законот во однос на рокот на доставувањето на барањето. Во законот треба да стои дека цивилниот инвалидитет се добива од денот на доставувањето на барањето, а не да се поставува рок за доставување на барањето. Ова би било најдобро и најобјективно“, вели Машкули.

Во оваа здружение наведуваат дека веќе се покренати активности заедно со други здруженија од Македонија за да се покрене и иницијатива за промена и дополнување на законот за цивилни инвалиди од војната. Машкули оценува дека и законодавецот ќе ја разбере оваа проблематика со која се ограничуваат правата на оние кои настрадале од муниција заостаната од Втората светска војна. Без да има промена на законот во земјава ќе останат без надомест за цивилен инвалидитет многу лица кои не успеале да достават барања за добивање на правото на цивилен инвалидитет и покрај тоа што се инвалиди чиј инвалидитет е поради експлозии на заостаната муниција и оружје од Втората светска војна.