Виси препораката за почеток на преговори со ЕУ

Илустрација.

Некои членки на ЕУ сметаат дека Македонија е под копенхагенските критериуми, додека други сметаат дека Македонија ги исполнува. Сè додека постои таа дебата во Европската унија, постои ризик Македонија да не добие препорака, вели британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

Дека постои ризик Македонија да не добие препорака за почнување на преговори со Европската унија потврдува и британскиот амбасадор во земјава Чарлс Гарет во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Сепак, потенцира дека Британија смета дека Македонија е над границата на копенхагенските критериуми, но дека има области во кои треба сериозно да се работи.

Извештајот е производ на мислењата на 28-те земји членки, а сите тие имаат различен став за статусот на напредокот на Македонија. Некои од нив изјавија дека Македонија е под копенхагенските критериуми, додека други сметаат дека Македонија ги исполнува. Сè додека постои таа дебата во Европската унија, постои ризик Македонија да не добие препорака.
Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија во Македонија.

„Извештајот е производ на мислењата на 28-те земји членки, а сите тие имаат различен став за статусот на напредокот на Македонија. Некои од нив изјавија дека Македонија е под копенхагенските критериуми, додека други сметаат дека Македонија ги исполнува. Сè додека постои таа дебата во Европската унија, постои ризик Македонија да не добие препорака“, вели британскиот амбасадор.

Илустрација.

Едно од прашањата за кое амбасадорот Гарет потенцира дека треба што побрзо да се реши е политичкиот дијалог, додавајќи дека наместо да се зајакнуваат институциите, во една млада демократија како нашата, во моментот тие се ослабени.

Според мене доволен е неуспехот дека не сме напредувале веќе 5-6 години. Секоја година практично нашата европска интеграција се претвора во формална битна за препораката.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

„Мислам дека е многу битно, за многу луѓе, институции и за демократијата во земјата, и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Сметам дека е многу битно обете страни да се соочат со ситуацијата во најбрз рок. Што поскоро ќе имаме целосно функционален парламент во Македонија, толку побрзо ќе продолжиме напред и ќе спречиме штета која може да произлезе од подолг период на политички ќорсокак“, вели Гарет.

И домашните аналитичари не ја исклучуваат можноста од губење на препораката. Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование посочува дека властите треба да се фокусираат на забелешките кои се добиваат заедно со препораката, а не толку на фактот дали сме ја добиле.

„Според мене доволен е неуспехот дека не сме напредувале веќе 5-6 години. Секоја година практично нашата европска интеграција се претвора во формална битна за препораката“, вели тој.

Маричиќ не ја занемарува важноста на препораката и последиците од нејзиното добивање или недобивање, но укажува на тоа дека таа не нè води чекор поблиску до Европската унија. Поради закочениот политички дијалог меѓу власта и опозицијата, отсуството на опозицијата во законодавниот дом, бројните критики за слободата на медиумите, реформите во судството и владеењето на правото во земјава и професорот Беким Кадриу е уверен дека годинешниот извештај за напредокот на нашата земја ќе биде лош.

„Моментално немаме добра положба со оглед на тоа што се очекува и оваа година да имаме лош извештај од Европската комисија, не дај боже да ја загубиме и препораката за почеток на преговори“, изјави Кадриу.

Неодамна вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими изјави дека очекува објективен извештај на Комисијата за нашата земја и добивање препорака за почеток на преговори, но дека дополнително треба да се работи на политичкиот дијалог, прашањето за името, односно отворените прашања со соседите, судските реформи, слободата на изразување и меѓуетничките односи.