Тешко се седи на „жешкото“ столче во МОН

Министерството за образование е меѓу рекордерите по честите смени на министри. Само во изминативе осум години вкупно шест министри застанаа на чело на институцијата, но ниту еден од нив не издржа да седи на жешкото столче подолго од две години.

Министерството за образование е меѓу рекордерите по честите смени на министри. Само во изминативе осум години вкупно шест министри застанаа на чело на институцијата, но ниту еден од нив не издржа да седи на жешкото столче подолго од две години.

Затоа сметам дека поради пристапот на една влада, која е партизирана, односно која нема стратегија, Министерството за образование секој шест месеци ќе има нов министер.
Сулејман Рушити, поранешен министер за образование.

Најдолго се задржа Сулејман Рушити од редовите на ДПА, која беше дел од првата коалиција. Функцијата министер за образование ја извршуваше од 2006-та година до 2008. Рушити објаснува дека тоа не е најпопуларното министерство, затоа што резултатите од спроведените промени се гледаат по неколку години. Тој вели дека ако пристапот кон тоа министерство е партиски и дневнополитички и министрите ќе бидат менувани од истите причини.

„Во образованието се инвестира сега, а придобивките од таа инвестиција доаѓаат по четири, односно осум години. Затоа сметам дека поради пристапот на една влада, која е партизирана, односно која нема стратегија, влада на која начинот на дејствување и е дневно политички, Министерството за образование секој шест месеци ќе има нов министер“, вели Рушити.

Во нашиот случај се спроведуваат активности кои не се поврзани со лицата коишто се на таа функција, односно излегува дека тие во креацијата на оваа политика немаат никакво учество.
Ненад Новковски, поранешен министер за образование.

Еден од главните проблеми во овој сектор е недостаток на константна стратегија со која постепено ќе се воведуваат промени без при тоа да се прават експерименти со учениците, велат упатените.

Поранешниот министер Ненад Новковски кој на оваа функција беше од 2000-тата до 2002 година вели дека честата промена на министри укажува на недостиг на долгорочен план за подобрување на состојбите во образованието.

„Во нашиот случај се спроведуваат активности кои не се поврзани со лицата коишто се на таа функција, односно излегува дека тие во креацијата на оваа политика немаат никакво учество и очигледно оттука и доаѓа овој недостаток. Промените се многу брзи затоа што не постои целосна мотивираност, упатеност на тие носители на функции“, вели Новковски.

По Рушити, следеа Перо Стојановски кој по проблемите со СОНК замина за Австралија пополнувајќи го амбасадорското место. Следен беше Никола Тодоров кој што воведе промени во универзитетското уредување. Следбеник на Тодоров беше Панче Кралев. По неговото заминување за кое во јавноста беше соопштено дека е од лични причини, на министерското столче седна Спиро Ристовски. Тој по само неколку месеци мораше да се симне скалило подолу и да остане заменик министер, додека на негово место застана претставник од ДУИ Абдулаќим Адеми.

За разлика од министерството за образование, министерствата за внатрешни работи, за транспорт и врски, за култура и информатичко општество нема промени во кадарот во изминативе 8 години.