Стартот на новата учебна година во источна Украина, со еден месец задоцнување, донесе и 10 жртви и неколкумина ранети, кога едно училишно игралиште во Доњецк беше погодено со граната. Во другиот дел од градот, и покрај тоа што се слушаа експлозии, децата, не знаејки што се случува, одеа на училиште.
„Децата мислат дека се тоа некакви почесни стрелби по повод новата учебна година. Ние знаеме дека има гранатирања, но на децата мораме да им кажеме нешто убаво“, вели Ралиса, учителка во училиштето број 1 во Доњецк, кое има капацитет за 1.200 ученици.
Некои родители мораат да ги носат децата во подалечни училишта од местото каде што живеат, бидејки таму се водат борби. Во некои делови на Доњецк е мирно, но во некои борбите не престануваат.
„Живееме во Киевскиот кварт во Доњецк, а таму не е мирно. Живееме во близина на аеродромот, во анти-терористичка зона, каде што има гранатирања. Таму е невозможно за нормален живот, па затоа дојдовме тука во подалечното училиште“, изјави Татјана Сергеевна, баба на една ученичка.
Училиштето каде што требало да оди нејзината внука, било уништено пред еден месец во борбите меѓу про-руските сепаратисти и силите на украинската армија. Целото семејство се исселило од местото каде што живееле и изнајмиле куќа во центарот на Доњецк.
Некои луѓе заминаа во други земји, некои се засолнија на друго место во Украина, бидејки животите ни беа во опасност, вели Сергеевна.
Украинската армија и сепаратистите се борат со месеци за контрола врз аеродромот во Доњецк. И покрај примирјето во источна Украина, борбите повторно биле интензивирани во последнава недела.
Децата веќе се навикнале да слушаат експлозии. За, колку толку да ги релакцираат, училиштата, на првиот школски час, подготвија претстави и подароци за децата. Но, ним најпотребен им е мир.
„Ве молиме дајте им на децата мир, тоа е она што сега им е најпотребно, тоа е најважно“, вели Сергеевна.