Една влада, двојна надворешна политика

Различните тонови најмногу се чувствуваат за спорот за името, но тие се разликуваат и околу односот кон новиот американски амбасадор, санкциите на ЕУ кон Русија.

Не сме далеку од решение и компромис за спорот со името со Грција, заклучи лидерот на ДУИ Али Ахмети во јуни годинава. Неполни два месеца подоцна претседателот на неговиот поголем коалициски владин партнер, премиерот Никола Груевски соопшти дека проблемот за името стои во место. Различните тонови во владината коалиција најмногу се чувствуваат токму за спорот поради кој се блокирани македонските евроатланските интеграции, но разлики има и за други надворешно политички прашања.

Тоа е проценка на Министерството за надворешни работи, но секако сметам дека кога се работи за некој стратешки партнер, треба да очекувам едно објаснување што беше логично, за да имаме јасна позиција.
Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции.

За реакцијата на македонското министерство за надворешни работи до американската амбасада за изјавите во сослушувањето на новиот американски амбасадор, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими е воздржан. Во неделното интервју за Радио Слободна Европа тој вели дека верува на изјавата на амбасадорот Пол Волерс кој рече дека неговиот наследник бил изваден од контекст.

„Тоа е проценка на Министерството за надворешни работи, но секако сметам дека кога се работи за некој стратешки партнер, треба да очекувам едно објаснување што беше логично, за да имаме јасна позиција, да не оставиме простор за било какво двосмислено искажување во јавноста“, рече Бесими.

Дилема дали има две струи, можно е да има, но во надворешната политика доминира струјата на ВМРО-ДПМНЕ, не струјата на ДУИ.
Љубомир Фрчковски, универзитетско професор.

Според професор Љубомир Фрчкоски разликите во ставовите меѓу претставниците на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ не се толку важни оти како што вели македонската надворешна политика и така веќе била многу ослабната.

„Дилема дали има две струи, можно е да има, но во надворешната политика доминира струјата на ВМРО-ДПМНЕ, не струјата на ДУИ, која е симболично нагласено про-американска, про-НАТО, про – ЕУ и веројатно таа реторика кај ДУИ е искрена, но нивната релевантност е слаба“, вели Фрчкоски.

И поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека се водат две надворешни политики и дека ДУИ биле на проамериканска линија која како што тврди не била во корист на Македонија.

„Тоа е наш најголем хендикеп и не само разликата која постои меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во владината коалиција, факт е исто така неспорен дека главната македонска опозициска партија има однос кон оваа прашање што не е стопроцентно еднаков со владата, со Министерството за надворешни работи“, вели Никовски.

Инаку во неделното интервју Бесими има малку поинаков став и за санкциите што ги воведе Европската унија против Русија поради кризата на украинска територија. Имено откако министерот за надворешни работи Никола Попоски на прашањето дали и Македонија ќе ги следи членките Унијата не одговори конкретно наведувајќи го како аргумент проблемот за името, Бесими вели дека кога тоа ќе било потребно ќе бил даден јасен сигнал дека е важно тоа да се направи и земјава ќе го следела примерот на ЕУ.