Портпаролот на Пентагон адмирал Џон Кирби, прецизира дека во операциите биле вклучени разни видови борбени авиони, како и ракети од типот Томахавк.
„Можам да потврдам дека американската војска и сили на партнерски земји преземаат воена акција против терористите во Сирија“, изјави адмирал Кирби без да наведе за кои партнерски земји станува збор.
Медиумите цитираат неименувани американски официјални претставници кои велат дека во нападите биле вклучени Бахреин, Катар, Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Арапски емирати. Засега не е позната нивната конкретна улога во акцијата против Исламската држава, екстремистичка сунитска воена група.Токму улогата на арапските земји се смета за клучна за кредибилитетот на американската кампања.
Можам да потврдам дека американската војска и сили на партнерски земји преземаат воена акција против терористите во Сирија.Адмирал Џон Кирби, портпарол на Пентагон.
Американските сојузници на Блискиот Исток се скептични за тоа колку Вашингтон е подготвен да се вклучи во конфликтот во кој е инволвирана скоро секоја земја во тој регион со оглед што во неговата позадина е над илјада и триста години стариот спор меѓу сунитите и шиитите.
Некои земји од Персискиот залив стравуваат дека би биле цел на одмазнички акции или од екстремистите или од силите лојални на сириската влада. Официјален Дамаск соопшти дека Вашингтон ги информирал пред да ги стартува воздушните напади.
Американски претставници наведуваат дека операцијата се изведувала од американските бродови кои се наоѓаат во северниот дел на Персиското море и во Црвено море.
Некои новинските агенции јавуваат дека нападите биле насочени против цели на милитантите на Исламската држава во Рака, на североистокот на Сирија.
Според невладината организација Опсерваторија за заштита на човековите права со седиште во Лондон, во текот на ноќта биле извршени дваесет напади при шти имало десетици загинати џихадисти.
Нападите се дел од проширената воена кампања што пред две недели ја одобри претседателот Барак Обама за, како што рече, ослабување и уништување на милитантите на Исламската држава.
Претходно Соединетите држави ги интензивираа разузнавачките летови над Сирија со цел подобро да бидат утврдени целите на милитантите.
Според некои наводи, околу две третини од над триесетте илјади припадници на Исламската држава се наоѓале токму во Сирија.
Тие во изминативе неколку месеци освоија големи територии во Сирија и Ирак каде што вршеле масовни убиства врз цивили, а во изминативе денови преку снимени обезглавувања на двајца американски новинари и еден британски хуманитарен работник им се заканија на западните земји.
Од почетокот на август, американски авиони извеле околу двесте воздушни напади во Ирак. Единствена земја кои им се приклучи на Соединетите држави во овие напади во Ирак е Франција.