Преку изборот на новинарско перо, за практикување на книжевниот занает, со силен индивидуален креативен дух, Јуруковска следејќи го на ниво на книжевна критика, но и како однос кон книжевноста, примерот на Маркез или Памук, создава своја критичко-книжевна парадигма, која не само што останува запомнета, туку и предизвикува читателот да посегне и по други дела на авторите. Следејќи го принципот во текстот, кој е предмет на нејзината книжевна анализа, вешто да ја најде и формата и содржината, таа ја наоѓа и онаа посебна нишка, онаа од ткаењето каде веќе тој се раслојува, ги открива палимсестно своите слоеви, за на крај да се добие еден нов текст, со онолку завртки, колку што нејзиното критичко око ќе понуди.
Зборуваме за текстови кои што ќе ги читаат луѓе кои што знаат многу за литературата, значи стручњаци, но од друга страна и луѓе кои што само ја сакаат литературата, значи не се професионално влезени во неа, па ако сакате дури и луѓе кои што не читаат па да речеме јас како позив си го зедов тоа да ги натерам и тие нешто да прочитаат.Александра Јуруковска, книжевен критичар.
Ова меѓу другото ќе го забележи Мерсиха Исмајлоска во своето видување на „Ткаење на текстот“, книгата на м-р Александра Јуруковска чија промоција е планирано да се случи оваа среда, на 24 септември, во 19 часот, во Матица – Ексклузив во Скопје.
Станува збор за збирка на критички текстови за македонски книжевни дела објавувани во последниве пет години. Во неа се поместени 41 рецензија на исто толку наслови и два поголеми осврта за домашната книжевна сцена во 2011 и во 2012 година во весникот „Дневник“.
Не е помала одговорноста да се зборува за проверените, етаблираните имиња, но сметав дека штом веќе ми се дава простор, ми се дава некоја доверба, зошто да не се проговори и за луѓето кои што доаѓаат, кој што на некој начин носат свој авангарден пристап, свежест во македонската литература.Александра Јуруковска, книжевен критичар.
„За мене беше предизвик во овој период од пет години додека ги пишував овие критики најпрвин тие да излегуваат во дневен весник што е нели мошне значајно кај нас, затоа што, се надевам дека ќе се согласите со мене, дека книжевната, новинската критика во Македонија е во изумирање. Воопшто критиката за културни случувања и т.н“, истакнува Александра Јуруковска.
Таа дополнува дека сопственото писмо, сопствените книжевни осврти морала да ги прилагоди на пошироката читателска публика.
„Зборуваме за текстови кои што ќе ги читаат луѓе кои што знаат многу за литературата, значи стручњаци, но од друга страна и луѓе кои што само ја сакаат литературата, значи не се професионално влезени во неа, па ако сакате дури и луѓе кои што не читаат па да речеме јас како позив си го зедов тоа да ги натерам и тие нешто да прочитаат“, вели Јуруковска.
Инаку, меѓу рецензираните наслови покрај оние на афирмирани и наградувани творци како Раде Силјан, Влада Урошевиќ, Драги Михајловски, Ермис Лафазановски, Гоце Смилевски, Лидија Димковска и други, во „Ткаење на текстот“ има и голем број осврти на дебитантски дела на младите македонски автори, за кои многу често текстот на Јуруковска, за жал, е и единственото публикувано видување и оценка.
„Не е помала одговорноста да се зборува за проверените, етаблираните имиња, но сметав дека штом веќе ми се дава простор, ми се дава некоја доверба, зошто да не се проговори и за луѓето кои што доаѓаат, кој што на некој начин носат свој авангарден пристап, свежест во македонската литература. Многу од нив се присутни и во новите медиуми и благодарение на нив, мене ми е често многу интересен и тој спој. Едноставно затоа што не остануваат тие дела чисто на хартија, во книга, меѓу две корици, туку ги користат и другите медиуми и средства за да го искажат она што го мислат и да го презентираат своето писмо“, вели Јуруковска.
Родена 1981 година во Скопје, Александра Јуруковска дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите, а досега работела како новинар во културните и информативните редакции на повеќе медиуми како Македонско радио - Радио Скопје, Наша ТВ, радиото на УКИМ „Студент ФМ 92.9“ и други.
Во Македонското радио ја уредуваше и водеше рубриката „Книга-фаворит“ во која, во период од 5 години, претставила над 200 наслови, а од пред две години е еден од уредниците на порталот www.cooltura.mk.
Нејзините новинарски текстови, рецензии и есеи се објавувани во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во Македонија како „Блесок“, „Репер“, „Наше писмо“, „Културен живот“, „Театарски гласник“, „Спектар“, „Литературен збор“, „Разгледи“, како и на порталите:www.balkani.eu , www.javno.com.
Со своја поезија застапена е и во зборникот „Рукописи 25“(издание на Домот на млади од Панчево, 2002), а авторката по публикувањето на својата дебитантска книга рецензии воопшто некрие дека трудољубиво ќе работи и на тоа наскоро да ја потпише и „Ткаење на текстот 2“.
„Би сакала „Ткаење на текстот да има и второ продолжение доколку продолжиме со динамиката на објавување на новинска критика во дневниот весник „Дневник“. Размислував и за нешто поинаку. Додека бев на Македонското радио – Радио Скопје пишував и радио критика и би сакала да видам како би изгледало кога радио критиката би се прилагодила за книга затоа што и тоа како жанр полека го снемува. Имам желба да ги прилагодам тие текстови пишувани во период од пет години, да направам избор од нив. И, тоа не е сè. Би сакала да се најде во печат и мојата магистерска теза за Интертекстуалните односи на книжевноста со медиуми, значи во прв ред радиото, телевизијата, печатените медиуми и секако новите медиуми. Тоа е една интердисциплинарна студија за која се надевам дека би имала свои читатели“, вели Јуруковска.