Клупската одбојка дише „на апарати“

Илустрација

Неколку клубови со голема традиција згаснаа, а други се на работи на егзистенцијата. Никој не знае кога ќе почнат одбојкарските првенства во земјава, а неизвесно е и дали ќе почнат.

Само два месеца по најголемиот машки репрезентативен успех – освоеното трето место и тоа во дебитантскиот настап во Европската лига, не само што никој не знае кога ќе стартуваат македонските одбојкарски првенства, туку неизвесно е дали тие воопшто и ќе се одржат. Причина – катастрофалната финансиска состојба, поради која веќе згаснаа неколку клубови со голема традиција (Работнички, Вардар, Шкендија...), а други сè уште не можат да обезбедат средства за одигрување цела сезона.

Проблемот е генерално што оваа тенденција на одумирање на клупската одбојка од година в година се зголемува. Машката екипа на Работнички ни згасна, еве го сега и Вардар, така што во овој момент немаме машка одбојка во Скопје.
Зоран Карановиќ, генералeн секретар на одбојкарската федерација на Македонија.

Состојбата е посебно драматична кај мажите, каде што има само четири пријави за учество во шампионатот (првакот Струмица, Мавис, Пробиштип и Лирија), додека кај одбојкарките својот настап го имаат потврдено шест екипи (Работнички, Јанта Волеј, Македонија Макс, Шкендија, Гоце Делчев и Бами Кор).

Зоран Карановиќ, генерален секретар на македонската одбојкарска федерација.

Последниот дополнителен рок за зголемување на овие бројки е утре (клубовите требаше да се пријават до 10-ти септември), до кога треба да се изјаснат уште неколку клуба (женскиот шампион Форца волеј, Синалко кај одбојкарите, Борец Брако во двете конкуренции...), по што и ќе бидат познати следните чекори.

Одбојка пак ќе се игра, можеби по навика, можеби со помал квалитет отколку досега, па во некое догледно време ќе се чекаат подобри времиња за нешто што генерално без поддршка на државата не може да се среди.
Зоран Карановиќ, генералeн секретар на одбојкарската федерација на Македонија.

Според генералниот секретар на одбојкарската федерација на Македонија, Зоран Карановиќ, првенствата сигурно ќе стартуваат (со трокружен или четирикружен систем на натпреварување), но тоа не значи и решавање на главниот проблем на овој спорт кај нас.

„Проблемот е генерално што оваа тенденција на одумирање на клупската одбојка од година в година се зголемува. Машката екипа на Работнички ни згасна, еве го сега и Вардар, така што во овој момент немаме машка одбојка во Скопје. Втор, релативно голем проблем е клубовите што ни играат во националното првенство се на работ на преживување. Значи се опстојува колку да се одигра лигата, клубовите се без некои поголеми амбиции да направат некој посебен квалитет, не дај Боже да се пријават да учествуваат во европски купови. Но, тоа не е само до одбојкарската федерација, тука треба на повисоко ниво да се седне да се види што понатаму“, рече Карановиќ.

Имајќи го предвид претходно кажаното, Карановиќ бара итна реакција од надлежните, за ова што и се случува на одбојката, во блиска иднина (од екипните спортови) да не биде реалност и во ракометот и во кошарката. Клубовите, а со тоа и спортовите, не смеат да бидат оставени сами на себе и мора да бидат помогнати од државата, но и од успешните компании, вели Карановиќ. Тој се надева дека прозваните ќе го сфатат тоа и дека работите, порано или подоцна, ќе тргнат во посакуван правец.

„Одбојка пак ќе се игра, можеби по навика, можеби со помал квалитет отколку досега, па во некое догледно време ќе се чекаат подобри времиња за нешто што генерално без поддршка на државата не може да се среди. Не вреди веќе, депласирано е. Тоа 100 пати е кажано, дека немаме некоја специјална поддршка ниту од Агенција за спорт, не дај Боже од некои други структури. Да не зборуваме за бизнис заедницата, веќе излитена фраза е. Никој нема интерес да се рекламира преку одбојкава. Едно време не ’тапшаа‘ и толку е. Сега се на ред некои други моменти и тука завршува некоја позитивна одбојка“, додаде генералниот секретар на одбојкарската федерација на Македонија, Зоран Карановиќ.