Џихад на Балканот, следна генерација

Сениште се шири низ Европа, влијанието што стотиците европски доброволци во џихадот во Сирија и Ирак може да го имаат во нивните татковини кога ќе се вратат. Во анализата објавена во „Ворлд афеарс џурнал“ се оценува дека можеби како никаде во Европа таа потенцијална опасност не е толку голема како на Балканот.

Босна и Херцеговина, според проценките, имала, по бројот на жители, најмногу доброволци во Сирија во споредба со која и да било друга земја во Европа. Постојат наводи дека сега во Сирија имало неколку стотици борци од југоисточна Европа.

Иако муслиманите во овој дел на Европа остануваат еднa од најумерените исламски популации во светот, проценката е дека од пет до десет насто биле индоктринирани со поекстремни форми на исламот типични за Саудиска Арабија и Египет.

Тоа не е случајно, туку, како што се наведува во анализата објавена во „Ворлд афеарс џурнал“, резултат од долгорочните напори на екстремистите да го радикализираат локалното население.

Иако муслиманите во југоисточна Европа остануваат еднa од најумерените исламски популации во светот, проценката е дека од пет до десет насто биле индоктринирани со поекстремни форми на исламот типични за Саудиска Арабија и Египет.

Во изминативе децении тие создале софистицирана инфраструктура на безбедни засолништа во изолирани села и во џамии под контрола на радикални свештеници, но и на електронска пропаганда.

Милитантните исламисти своите намери ги остваруваат и преку мрежа на невладини и хуманитарни организации, често финансирани од познати донатори на Ал Каеда.

ЦИА проценува дека една третина од невладините организации во Босна имаат терористички врски или вработуваат луѓе кои имаат терористички врски.

Белата џамија во Сараево е седиште на Сулејман Бугари, имам роден на Косово, за кој агенцијата Стратфор вели дека бил посредник меѓу албанските и босанските екстремисти.

На Косово, според новинските извештаи, една џамија во Приштина и една во Митровица биле центар за регрутирање милитанти за Сирија.

Во Македонија, пак, вехабистите биле ангажирани во борбата со Исламската верска заедница за преземање на контролата на четири џамии, меѓу кои Јајапашината и Султан муратовата.

Милитантите на Балканот развиле и мрежа на печатени изданија и он лајн спотови за ширење на верска нетрпеливост, славење на насилството и антиамерикански, антисемитски и антидемокартски пораки.

Омразата и хомофобијата се значајни елементи на милитантаната исламистичка идеологија.

Според поранешниот шеф на бугарските муфтии Недим Генџев, милитантните исламисти во југоисточна Европа се обидувале да создадат „фундаменталистички триаголник“ меѓу Босна, Македонија и Бугарија.

Иако нивните шанси за успех се минимални, тие можат да им направат огромна штета на западните интереси и на можностите за формирање стабилни демократски општества во регионот.

Со новата генерација балкански муслимански свештенци школувани во Саудиска Арабија и Египет и стотици милиони долари од богати донатори за изградба на школи и медреси на Балканот се повеќе ќе се брише разликата меѓу традиционалната умерена форма на исламот што се практикува во југоисточна Европа и онаа екстремната која доаѓа од истокот, се наведува, меѓу другото, во анализата објавена во „Ворлд афеарс џурнал“