Жителите на струшко Калишта сами си го реновираат училиштето

Откако долгогодишните предизборни ветувања не вродија со плод, жителите на струшко Калишта, сами, со донации од иселениците, го реновираат основното училиште во селото.

Со 30 илјади евра пари собрани од дијаспората, жителите на струшко Калишта пред неколку дена почнаа сами да ја реновираат старата училишна зграда. Велат дека не можеле повеќе да веруваат на надлежните кои неколку пати во минатото доаѓале во селото ветувајќи им решение на проблемот.

На секои четири години ни велеа дека ќе се направи новото училиште. Затоа беше време сами да го направиме. Се вклучи цело село, а компаниите ни дават попуст при набавката на материјали.
Аријан Реџепи, иселеник од Калишта во Швајцарија.

Наместо влага и непријатна миризба од сите страни, искршени прозори, врати, столчиња и клупи, дваесеттина деца колку што сега учат и нивните учители ќе добијат нови и модерни услови. Ќе биде комплетно променета дограмата, кровната конструкција и подот, а во училниците ќе биде поставено парно греење, нови клупи и столови.

Аријан Реџепи, кој неколку години работи и живее во Швајцарија, вели дека првичната идеја им била да се извршат само мали промени на училиштето. Но, откако неколку фотографии испратил преку интернет до негови пријатели кои се по потекло од Калишта, тие веднаш почнале да испраќаат пари за да отпочнат потребните работи.

Ова е голем удар за сите партии бидејќи сите ветуваа, а ништо немаат направено. За ова училиште сите партии даваа ветување. ДПА, а сега и ДУИ, кои 14 години се на власт во Македонија. Доаѓаат овде, ветуваат, но само ги земаат гласовите и заминуваат и ниеден клинец не е ставен.
Урим Јусуфи, потпретседател на Месната заедница во Калишта.

„До сега чекавме 20 години. На секои четири години ни велеа дека ќе се направи новото училиште. Затоа беше време сами да го направиме. Се вклучи цело село, а компаниите ни дават попуст при набавката на материјали“, рече Реџепи.

Урим Јусуфи, потпретседател на Месната заедница во Калишта, вели дека конечно нивните деца ќе учат во нормални услови.

„Ова е голем удар за сите партии бидејќи сите ветуваа, а ништо немаат направено. За ова училиште сите партии даваа ветување. ДПА, а сега и ДУИ, кои 14 години се на власт во Македонија. Доаѓаат овде, ветуваат, но само ги земаат гласовите и заминуваат и ниеден клинец не е ставен. Ги прашувам каде одат парите од таксите кои што ги плаќаме ние 1.500 жители на селото Калишта. Овде имаше и змии, кога ги вадевме гредите видовме живи змии. За тоа имам и фотографии“, рече Јусуфи.

Во меѓувреме децата учат во селската џамија, но во посебни простории, а не онаму каде што доаѓаат верниците. Наредната година се очекува десет нови првачиња што е позитивен пример во време кога генерална е сликата за намалување на бројот на првачиња насекаде низ државата. Во џамијата децата следат настава и од наставничка Македонка, која им предава македонски јазик.

Најстариот учител, Наѓип Мустафаи, вели дека откако училиштето било изградено во далечната 1951 година до денес ништо во него не било направено или реновирано.

„Ние овде работевме во тешки услови. Државата треба да мисли за граѓаните, бидејќи ние сме сите за Македонија“, рече учителот Мустафаи.

Од ветувањата за нова училишна зграда останати се само столбовите кои биле поставени во 2001 година, а кои се на само 20 метри од старото училиште. Во акцијата за реновирање на училиштето се вклучени многу жители на Калишта, а помеѓу кои има и граѓани Македонци.

Градоначалникот Зијадин Села велат мештаните донирале две илјади евра за дограмата.