Поскапувањето пристигна во ново пакување. Оштетени се најчесто лојалните потрошувачи на некој бренд кои без да го проверат пакувањето редовно купуваат од истиот производ. Сега за исти пари добивате помали производи. На пример повеќе не се продава прашок за перење на алишта во пакување од 9 килограми, туку за истите пари може да добиете производ од 8 килограми.
Поскапено е, многу е поскапено. Кога ќе влезеш во маркет сè е поскапено по денар, по два, по пет и неосетно сè така поскапува. А и на пазар е поскапено.Анкетиран граѓанин.
Иста ситуација е и со прехранбените производи, па така чоколадото од 100 грама се стеснило на 80 грама, а киселото млеко сега е во 400-грамско пакување. Брашното и шеќерот некогаш беа пакувани по еден килограм, но денеска ќе ги купите во кесичка од 900 грама.
Иако цените навидум остануваат исти, или, пак, минимално се зголемиле, сепак, за своите пари, купувачите добиваат многу помали количини од истите производи. Со тоа што незабележливо добиваат помали производи, треба да ги купуваат многу почесто од порано, и секако, да потрошат повеќе пари за нив.
Послабо е во споредба со порано, сега и платите се некако понередовни. Ние чекаме на пензионерите, кога ќе земат пензија да дојдат, да купат нешто, а после 10-ти во месецот не е тоа што треба да биде.Анкетиран продавач на пазар.
Граѓаните велат дека се чувствуваат измамени, бидејќи не можат секогаш да ја забележат разликата во тежината на производот, а тоа производителите максимално го користат. Тие се жалат дека цените секој месец растат по денар-два па едвај се издржува. Прво на удар е храната, за да заштедат помалку ја купуваат.
„Поскапено е, многу е поскапено. Кога ќе влезеш во маркет сè е поскапено по денар, по два, по пет и неосетно сè така поскапува. А и на пазар е поскапено, што е ова, гравот 180 денари. Пиперките по 40, 50 денари, не може да помислиме ајвар да правиме, тоа не доаѓа воопшто предвид“, вели една повозрасна скопјанка.
Имаме многу трошоци за на училиште и затоа ќе скратиме на зимница.Анкетиран граѓанин.
Поскапувањата на мала врата се тешко забележливи, но и помалку болни за полупразниот џеб на граѓаните. Ако се земе за пример еден килограм кашкавал во изминативе месеци поскапе за 30 денари, или, пак, на пример еден килограм телешко месо за последниве две години е поскапено за 100 денари, додека свинското е поскапено за само 30 денари. Цената на пилешкото рипна за речиси 100 денари, а на саламата за 30 денари.
Ние дефинитивно сме на дното според куповната моќ на нашата плата, односно на некој начин ние ни немаме реален пораст на платата, туку имаме реално намалување за еден процент, без разлика на номиналното покачување што одвреме-навреме владата го прави.Абдулменаф Беџети, универзитетски професор.
Полека доаѓа време и за зимницата, домаќинките велат дека годинава тешко дека ќе може да се направат големи количини на ајвар, лутеница и туршија.
„За добар ајвар во продавница треба да платиш 200 денари, а и дома да го правиш толку ќе те чини.“
„Сè е поскапено, и патлиџани и пиперки и ајвар не можеме да правиме, не се исплатува.“
„Немаме ни финансии, ниту време, нема услови, нема ај да се прави, порано пред зграда правевме, сега дома на шпорет“, велат анкетираните граѓани.
Има дискрапанца меѓу малкуте луѓе кои се многу богати и многуте луѓе кои се многу сиромашни. Просекот ќе испадне добар, но во случајов тој јаз меѓу богатите и сиромашните сè повеќе и повеќе се зголемува, а тоа не го покажува таа просечна плата.Биљал Касами, универзитетски професор.
Пензионерите велат дека порано целото семејство заедно подготвувало зимница, а сега ниту младите сакаат, ниту имаат доволно пари, ниту имаат време за такво нешто.
„Порано по 40-50 килограми ајвар сме правеле и лутеници и пинџури, сега не, а и младите сега што имаат услови да прават, не прават ништо. Скапо е, ќе работиш дома, ќе печеш, ќе лупиш, а за што, за ништо. Јас сум пензионерка, сама сум, ама си правам по кило, по две, да има нешто да се касне преку зима“, вели една граѓанка.
Пазарџиите и земјоделците се жалат дека секоја година сè потешко се живее од продажба. Објаснуваат дека граѓаните купуваат сè помали количини на храна, па тезгите со денови им остануваат полни со непродаден зеленчук.
„Сите бараат под цена, се ценкаат, но ние не даваме поевтино.“
„На нас ни е евтино, за нив скапо, ама тоа е.“
„Цените не се многу високи, ама многу слабо оди работата“, велат анкетираните пазарџии.
Тие велат дека во однос на порано граѓаните купуваат за две третини помалку, а најчести муштерии им се пензионерите.
„Послабо е во споредба со порано, сега и платите се некако понередовни. Ние чекаме на пензионерите, кога ќе земат пензија да дојдат, да купат нешто, а после 10-ти во месецот не е тоа што треба да биде.“
„На пазар не купуваат, не знам каде купуваат, ама на пазарот е многу слабо.“
„Порано повеќе продававме, сега ниту една третина од тоа што некогаш сме продавале“, велат пазарџиите.
Во овој период еден килограм пиперка чини од 30 до 50 денари, доматот чини до 50 денари. А трендот на поскапување се очекува да продолжи по најавата за зголемен извоз на земјоделски производи во Русија.
Во изминативе две години цената на кравјото и мешаното сирење порасна за 30, а овчиот кашкавал за 100 денари. Но, тоа не е сè. Бранот поскапувања пред два месеци го поттикна цената на електричната енергија, па потоа на бензините, во меѓувреме поскапеа и цигарите, а кругот го затвори цената на лебот. Поскапувањето на струјата за 3,47 проценти најдиректно се почувствува врз главниот прехранбен производ - лебот. Пекарниците веднаш вкалкулираа дополнителни 2 до 3 денари во неговата цена.
Фирмите од прехранбената индустрија ги почнаа пресметките – по поскапување на електричната енергија, голем дел од компаниите ги почнаа пресметките за повисоки трошоци, а некои бројат и загуби.
Поскапувањето на струјата за 3,4 отсто, на горивата за два денари и на акцизата за цигарите дополнително ќе го оптовари семејниот буџет со повеќе од 300 денари месечно.
Вистинскиот ефект од јунскиот ценовен скок, според експертите, ќе се почувствува есенва, кога ќе завршат резервите од летните месеци. Зголемените трошоци по основ на поскапата струја ќе ја зголемат цената на производството, а со тоа и цената на крајниот производ. Овие поскапувања што почнаа во јули ќе кулминираат кон крајот на овој месец, кога во цените на производите ќе се пресметаат зголемени трошоци и тие ќе се продаваат по цени повисоки за околу 5 отсто, велат економистите.
Дополнително семејниот буџет овој месец го оптоварува и подготовката на децата за во училиште. Десетина тетратки, моливи, боички, ранец и основен училиштен прибор чинат најмалку 1.500 денари за едно дете, а доколку семејството има две деца, тоа се најмалку 3000 денари, без при тоа да пресмета и цената на нови патики и основна облека за во училиште, која ја крева цената за дополнителни 3 до 5 илјади денари. Родителите велат дека се плашат да пресметаат колку пари трошат за своите деца, но велат дека додека имаат пари ќе купуваат.
„Да ги собираме фискалните глава ќе нè заболи, не знам колку пари трошиме, ама како има потреби и колку пари имаме, толку трошиме“, вели родител на основец.
Дел од родителите велат дека на сметка на трошоците за во училиште ќе скратат на зимницата.
„За училиште да, за зимница не, оти имаме многу трошоци за на училиште и затоа ќе скратиме на зимница“, вели анкетиран граѓанин.
Податоците покажуваат дека во првите пет месеци од годинава најголемо зголемување на цените од 13,2 отсто има за лековите и другите производи за здравје, сообраќајните услуги поскапеле за 4,9 отсто, здравствените услуги за 1,5 отсто, потоа цената на преработеното млеко се зголемила за 4,6 отсто, на млекото за 3,5 отсто, а цените на свежиот зеленчук се зголемиле за 2,9 проценти.
Трошоците на живот континуирано се зголемуваат, структурата на синдикалната потрошувачка кошница покажува дека дури 74 отсто од месечните трошоци на граѓаните завршуваат за храна и сметки, а остатокот за хигиена, превоз, лекови, облека и обувки.
„Ако сакаш нешто да купиш за облека, најосновното, ако едно купиш, ќе немаш за друго“, вели анкетиран граѓанин.
Последната пресметка покажува дека на едно четиричлено семејство му се потребни 32 илјади денари месечно за основните животни потреби. Во мај годинава во однос на истиот период лани биле потребни околу 1.500 денари повеќе за да се преживее месецот. Просечната месечна исплатена нето-плата е 21.175 денари. Околу 65 илјади граѓани живеат и ги прехрануваат своите семејства со минимална плата од 8.050 денари.
Вработен или невработен, пензионер или студент, речиси сите си имаат мака, не можат да го следат трендот на поскапување, па полека тонат во долгови.
Луѓето повеќе не може да се растргнат и да ги расчистат трошоците и поскапувањата, а тие не се минорни. Граѓаните имаат сè помалку пари, животот станува поскап, а платите одамна не ја следат цената на животните трошоци. Потрошувачка кошница е значително поголема од просечната плата, а од крајот на овој месец стартуваат и нови поскапувања.
Ако се погледнат податоците на Државниот завод за статистика за животните трошоци во последниве три години, ќе се види дека колку повеќе пари морале да се одвојат за храна и за покривање на трошоците за домување, чии цени најмногу пораснаа, толку се скусувало на облека и обувки, на подновувања во домот и особено на рекреација и култура. Се штедело на алкохол и цигари, се намалиле и транспортните трошоци иако станаа повисоки, а изгледа и помалку се зборувало на телефон. Зголемени се цените на јајцата, овошјето, зеленчукот, рибата и месото. Освен храната, забележан е раст на цените на нафтата, козметичките производи, обувките, како и на средствата за лична хигиена.
Луѓето загрижено коментираат дека платата нема да им биде доволна.
Новите поскапувања ги тераат граѓаните да ги менуваат своите навики, но дополнително им создава фрустрација, затоа што не можат да излезат на крај. Едноставно, на поскапувањата им се пркоси со промена на животниот стил и тоа на сметка на задоволствата и убавите работи.
Една третина од македонското население живее под минималните животни стандарди, односно не може да си ги подмири ни основните трошоци. Додека, пак, друг дел, според податоците на Заводот за статистика, живее од просечна плата од 20 илјади денари.
Експертите велат дека секое зголемување на цените во услов кога платите остануваат исти резултира со намалување на куповната моќ на граѓаните. Тие објаснуваат дека кога приходите на граѓаните се ограничени, а од друга страна стапката на невработеност не се намалува, тоа значи дека истата структура на луѓе кои работат со ограничени приходи да можат да купуваат помалку производи како резултат на тоа што има повисоки цени.
Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети дополнува дека сите показатели укажуваат на пад на куповната моќ на граѓаните.
„Ние дефинитивно сме на дното според куповната моќ на нашата плата, односно на некој начин ние ни немаме реален пораст на платата, туку имаме реално намалување за еден процент, без разлика на номиналното покачување што одвреме-навреме владата го прави“, вели Беџети.
Процентуално, во изминативе шест години платите пораснале повеќе отколку што растеле цените на производите и услугите. Но, ова треба да се земе со голема резерва затоа што она што е на хартија не секогаш соодветствува со реалноста, односно методологијата со која се пресметуваат индексите на трошоците на животот, се пресметува врз листа на производи и услуги од личната потрошувачка на домаќинствата кои не ги отсликува секогаш реалните потреби и реалните трошоци за основни прехранбени производи, комуналии, струја, греење и други потреби на едно просечно македонско домаќинство. Дополнително проблем во целата слика е и тоа што тоа што порастот на платите главно е резултат на зголемувањето на платите во државната администрација и поради тоа што повеќе од половината вработени во земјава земаат плата што е многу пониска од сегашниот просек. Најдобар показател за тоа е што само во преработувачката индустрија и во земјоделскиот сектор, каде што работат околу 245.000 граѓани, платите се движат под или околу 15.000 денари, што е за приближно 100 евра помалку отколку македонскиот просек.
Професор Биљал Касами објаснува дека просечната плата не го покажува нивото на животен стандард во една земја.
„Има дискрапанца меѓу малкуте луѓе кои се многу богати и многуте луѓе кои се многу сиромашни. Просекот ќе испадне добар, но во случајов тој јаз меѓу богатите и сиромашните сè повеќе и повеќе се зголемува, а тоа не го покажува таа просечна плата“, вели Касами.
Намерно или не, во земјава е очигледна злоупотребата на просекот, вели Касами. Иако се укажува дека Македонија има добри просечни плати кои ги задоволуваат основните потреби на едно семејство, факт е дека најголемиот дел од населението не ги добива и живее под тој просек, вели професор Касами и додава дека постојат мерки кои може да ја подобрат оваа слика.
„Да се почне со домаќинско трошење на јавните финансии и да се помогне на бизнисот, на приватниот сектор, да се помогне економијата да заживее“, вели Касами.
Годинава Државниот завод за статистика забележал намалување од 4 проценти на исплатена нето плата во рударството, во секторот на информации и комуникации и сервисните дејности со храна.
За да се почувствува подобрување на животниот стандард, економијата треба да расте со стапка од околу 6 отсто и тоа неколку години по ред. Од друга страна, ниту едно стопанство не може да смета на одржлив раст без проширување на производството, односно без инвестиции, а кај нас нето инвестициите изнесуваат еден до два проценти од БДП, а во некои периоди дури инвестициите без во минус. Точно е дека економијата испорача стапки на раст, но мора да ја видиме структурата на тој раст. Ние сега имаме состојба на раст во образованието, здравството и јавниот сектор, додека тој недостасува или е низок во реалниот сектор, кој треба да биде локомотива на економијата.
Според последното мерење на европската статистика Еуростат, цените во Македонија изнесуваат 47 отсто од европскиот просек, со што земјава се вбројува во групата со пониски потрошувачки цени во однос на економиите од регионот и од Европа. Но, од друга страна, Македонија е и во групата на земји со најнизок стандард – само 35 отсто од европскиот просек, што покажува дека цените во земјава се можеби ниски за просечниот Европјанец, но превисоки за стандардот на граѓаните во Македонија.
Со околу 4 илјади евра годишна заработка, Македонците се на дното во Европа по куповната моќ. Македонскиот граѓанин во просек на располагање има пет пати помалку пари од европските жители, затоа што Европјаните, според истражувањето на германскиот институт ГФК, годишно имаат на располагање најмалку по 12.500 евра. За споредба со земјите од регионот на пример, еден просечен хрватски работник лани заработил 12.527 евра бруто, Словенецот заработува годишно по 12 илјади евра, Црногорецот во просек годишно зема по 6.300 евра додека пак, просечната бруто плата во ЕУ изнесува 37.959 евра. Во регионот жителите на Косово се со најниска плата во вредност од 290 евра месечно или 3480 евра годишно.