Неговото величество актерот на 22 Фестивал „Ристо Шишков“

Со изведбата на претставата „Ќелавата пејачка“ од Ежен Јонеску во режија на Никита Миливојевиќ и продукција на српскиот театар „Шабац“, во Струмица започнува 22 издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Во петте фестивалски дена, од 8 до 12 септември, на неколку сцени во градот ќе бидат прикажани 10 проекти од шест земји, а за единствената награда која го носи името на бардот на македонското глумиште Шишков во конкуренција се креациите на над шеесетина актери.

Јонесковата „Ќелава пејачка“, како што ја видел режисерот Никита Миливојевиќ, „Корекција“ од Зоран Гаши, во режија Ник Уппер и продукција на Мал драмски театар од Битола, инаку заеднички проект на „Експонто“ од Љубљана - Словенија, Фестивалот на мали форми од Враца – Бугарија и на фестивалот „Ристо Шишков“, „Вечна игра“ од Митко Манџуков во режија на Бранко Ставрев и продукција на Театарот „Антон Панов“ од Струмица, перформансот „Контрола“ на Теа Беговска, „Буре барут“ од Дејан Дуковски што во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп го постави Наташа Поплавска, монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ што заеднички ја потпишуваат Николај Урумов и режисерката Лилија Абаџиева,

Како селектор јас сум задоволен од годинашната програма и посебно од тоа како се развива оваа манифестација бидејќи денес е тешко, со вакви буџети, да направиш и многу помали нешта отколку едно вакво реномирано случување посветено на актерот.
Благој Стефановски., селектор на Фестивалот Ристо Шишков.

Турскиот театар со „Камен“ од Мариус вон Мајерберг и режија на Билге Емин, „Амок“ работена по мотиви од Стефан Цвајг – пиеса на Нина Мазур и Елмазе Нура во Театарската филмска куќа АКТ и ИТИ центар од Косово, „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен - заеднички проект на Театарот на еден актер од Скопје и Театарот ОДА од Приштина што како режисер го потпиша Дино Мустафиќ и, конечно, Шекспировата „Отело“ во режија на Диего де Бреа и продукција на Народниот театар од Битола, се театарските претстави кои ќе бидат прикажани на 22-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, што од 8 до 12 септември ќе се одржи во Струмица.

„Во делот од камерниот театар овој фестивал со уште неколку од регионот е еден од движечките. Како селектор јас сум задоволен од годинашната програма и посебно од тоа како се развива оваа манифестација бидејќи денес е тешко, со вакви буџети, да направиш и многу помали нешта отколку едно вакво реномирано случување посветено на актерот“, истакнува Благој Стефановски.

Струмица е горда на фестивалот. Тоа најсликовито го покажува фактот што луѓето едноставно се борат и за последната карта за да ги гледаат претставите што се одигруваат на манифестацијата. Ова подразбира дека допревме до публиката, до луѓето кои го сакаат и живеат за театарот.
Ванчо Ристов, директор на Фестивалот Ристо Шишков.

Тој дополнува дека ова случување во меѓувреме влезе во асоцијацијата на театарски фестивали НЕТА (која патем овде ќе го има своето четврто претставување) со седиште во Љубљана и која за догодина подготвува голем фестивал што ќе се одржи во Букурешт – Романија.

Од друга страна, Ванчо Ристов - директор на Фестивалот, забележува дека тие своевремено започнале со една ревија на филмовите на Шишков за да потем ја востановат идејата за фестивал посветен на актерот чија цел била не само да ги одбележи дострелите на еден голем уметник и човек каков што бил Ристо Шишков, туку и да остави траен белег на градот и неговото битисување низ времево.

„Струмица е горда на фестивалот. Тоа најсликовито го покажува фактот што луѓето едноставно се борат и за последната карта за да ги гледаат претставите што се одигруваат на манифестацијата. Ова подразбира дека допревме до публиката, до луѓето кои го сакаат и живеат за театарот. Оваа недела ќе биде недела на уживање на гледачите, недела во која градот ќе покаже дека живее за својот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, вели Ристов.

Инаку, за единствената фестивалска награда за високо актерско остварување ќе се натпреваруваат над шеесетина актери од земјава и од странство, а ќе ги оценува жирито во состав Нико Горшиќ, минатогодишниот лауреат од Словенија, Атанас Поп Димитров од Бугарија, Симон Грабовац од Србија, македонската глумечка легенда Јоана Поповска и театарските проследувачи Тодор Кузманов и Гоце Ристовски. Тие ќе одлучат кому ќе му го доделат златниот медалјон со ликот на ненадминатиот Ристо Шишков и паричната награда во износ од 100.000 денари.