Црна душа, бела чума

Стефан Богоев, претседател на СДММ.

Сте помислиле ли некогаш за белата чума која ја посеавте низ државава и за сите оние семејства кои оставија тука се што со децении граделе затоа што не можат за леб да заработат?! Што со таа душевна болка, господине Груевски?!, пишува Стеан Богоев, претседател на СДММ, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Денови ли се денови, душевни болки големи. Си дозволив малку да ги измодифицирам стиховите на Рацин, во обид со една реченица да ја доловам ситуацијата во државава изминативе неколку денови. Ја имавме шансата да ги видиме Заев и Груевски седнати во иста просторија, еден спроти друг. Не беше класичен ТВ дуел, туку беше класично- „Кадија те тужи, кадија те суди" рочиште. Во суштината на спорот не навлегувам бидејќи сум прилично сигурен дека сите сте ја слушнале снимката, па ќе оставам вашиот здрав разум да пресуди.

Волкот си ја навлече јагнешката кожа! За сиот овој театар и сценарио, симнувам капа на владините манипулатори. Одлично си ја тераат работата! Но, забораваат една друга душевна болка…

Она што на некој начин го одбележа рочиштето и беше интересно и уникатно е оштетата која беше побарана за душевната болка која ја доживеал Груевски. И во контекст на приказната за оболената душа, мастермајндите од Илинденска одлучиле на рочиштето да дојде само со еден придружник (Протуѓер), со еден адвокат и без вообичаените избричени глави со намрштени ликови зад него. Дури на ТВ го прикажаа Груевски како влегува во судот подкривнувајќи со едната нога, сериозен без вообичаената срамежлива насмевка. Режимските медиуми ја ставија црешата на шлагот со тоа што го направија и милозлив (ја намали оштетата), но и храбар и издржлив бидејќи со повредената нога издржал да стои во текот на целото рочиште. Небаре се работи за некое кутро детенце кое играјќи фудбал со другарите ја повредило ногата, а притоа останало и без неговата фудбалска топка, па сега така тажно и разочарано се враќа назад дома каде ќе биде искарано од родителите. Волкот си ја навлече јагнешката кожа! За сиот овој театар и сценарио, симнувам капа на владините манипулатори. Одлично си ја тераат работата! Но, забораваат една друга душевна болка…

Некој ќе рече дека сум досаден и напорен особено со бројките за иселени млади и за младинска невработеност, но бројките ми се професионална деформација и ќе мора да ги искористам, секако во друг контекст.

Ако кампањите и мерките на владата за многудетни семејства вродуваат со плод веќе неколку години по ред и ако не се точни информациите за масовно иселување на луѓе од државата тогаш зошто е намален бројот на основците?

Минатава недела започна новата учебна година. За жал, од година во година се помалку и помалку првачиња брзаат кон школскиот двор. И оваа година повторно се зборуваше за намалениот број на првачињата па решив да проверам како се движела оваа бројка откако Груевски е на власт. И имав што да видам! Според државниот завод за статистика, повторно го потенцирам „државниот", бројот на ученици во основното образование во последните седум години се намалил за дури 27 илјади ученици. Фрапантна бројка! По некоја здрава логика ова се должи или на намален наталитет или на иселување на граѓаните од државата. Па тука се поставува прашањето: Ако кампањите и мерките на владата за многудетни семејства вродуваат со плод веќе неколку години по ред и ако не се точни информациите за масовно иселување на луѓе од државата тогаш зошто е намален бројот на основците?

Од друга страна пак, бројот на средношколци е намален во изминативе седум години за дури 5 илјади. Хм, повторно нешто не е логично. Се поставува прашањето: Зошто е намален бројот на средношколци кога во 2008 владата го направи средното образование задолжително? Нели треба бројот да се зголеми наместо да се намали? Нели младите не ја напуштаат државата?

А што е со душевната болка на овие луѓе господине Груевски?! Зарем им е лесно и убаво на оние родители кои своите деца ги испраќаат на печалба во странство?! Или пак младите со задоволство заминуваат во држава каде што никого не познаваат, наместо да живеат онаму каде што израснале, со семејството, со пријателите?! Сте помислиле ли некогаш за белата чума која ја посеавте низ државава и за сите оние семејства кои оставија тука се што со децении граделе затоа што не можат за леб да заработат?! Што со таа душевна болка, господине Груевски?!

За жал, на овие луѓе нема кој да им даде 50 илјади евра како надоместок за нивната душевна болка која е длабока и искрена. Наше е да се избориме за нив, но и да се избориме за нас и за државата која полека но сигурно ни старее и ја губи својата надеж и иднина пресликана во младите.

П.С. А Груевски, тој нека си тужи и нека си суди колку му душа сака, ама еден ден народот ќе пресуди! И тоа безмилосно!