Господине Забрчанец, невладините организации често критикуваат дека младите се малку вклучени во донесувањето одлуки, но од друга страна, ние имаме министри и заменици министри родени 1984, 1985, па и 1987 година. Како гледате на тоа?
Вклучувањето на младите во носењето одлуки не зависи само од тоа дали одреден министер е под 29 години, туку станува збор за модели на младинско организирање коишто се познати и во Европа и ширум светот и коишто подразбираат претставничка демократија. Тоа значи дека младите треба да се организираат во свои организации, друштва, секции, сојузи, здруженија, мрежи, таму да ги градат сопствените ставови и нивни претставници, на тие друштва, здруженија и мрежи да ги изнесуваат веќе договорените младински ставови пред институциите. Учество на младите во носењето одлуки не подразбира млади министер, иако е добро што некои од министрите се млади, но тоа не гарантира учество на младите во одлучувањето.
Подмладоците на политичките партии се најбројните младински организации. Зошто е тоа така?
Причината зошто се најбројни треба да се бара во начинот на којшто функционираат политичките парии и начинот на којшто политичките партии на власт ја злоупотребуваат својата позиција, односно не прават разлика меѓу државното и партиското или помеѓу институционалното и партиското. Јавна тајна е дека граѓаните генерално, не само младите, најчесто и најмногу се вклучуваат во партија за да добијат извесен бенефит. Во случајот на Македонија тоа е работно место во државна администрација, па мамката зошто младите се вклучуваат во политичките партии е за да им се гарантира државна работа или оној синдром што си го влечеме од социјалистичко време „од седум до три“ или сигурна работа, како што тоа знаат да го кажат повозрасните. Не е лошо, не е зло да се членува во политичка партија сè додека целта на членувањето е да се помогне на општеството, меѓутоа ние во нашиот случај имаме масовно зачленување на младите во политички партии со цел да ѝ помогнат на партијата полесно да дојде на власт, а не да ѝ помогнат на државата или на општеството. Дополнителен проблем е што во рамките на тие подмладоци не постојат едукативни програми, тренинг курсеви, односно младите што членуваат во политички партии многу малку добиваат реален бенефит од нивното членство, многу малку градат вештини, многу малку стануваат критички свесни граѓани во едно демократско општество.
Зошто за разлика од светот студентите кај нас се безгласни?
Не можам да се согласам дека сите студенти се безгласни. Напротив, официјалните претставници на студентите можеме да кажеме дека се безгласни или, пак, поинаку кажано се гласни само тогаш кога треба да ја поддржат власта или да поддржат одреден проект на некое министерство или на некоја институција, што не мора да значи дека е лошо. Ако некој проект е навистина во корист на студентите треба да биде поздравен, пофален и поддржан, меѓутоа во исто време сите други лоши потези или сите други молчаливи приоди на институциите кон студентските проблеми треба да бидат гласно изговорени, ако сакате критикувани, и за нив да се бараат решенија. Проблемот со студентското организирање во Македонија е јасен, таканаречените студентски парламенти држат монопол врз студентското организирање. Иако Законот за високо образование гарантира учество на други форми на студентско организирање во претставување на студентите, статутите на универзитетите не го дозволуваат тоа. Она што е потребно да се направи е да се охрабрат неколку студентски организации, а ги има многу, ги има стотина во Македонија, и да побараат од универзитетите да го почитуваат Законот за високо образование со којшто освен на студентските парламенти им се овозможува и на другите форми на студентско организирање, значи на другите студентски организации, да ги претставуваат студентите пред органите на универзитетите.
Се обидуваат ли другите организации да си го заземат местото што им е загарантирано?
Парцијално се обидуваат. Постојат неколку студентски организации коишто се гласни на оваа тема, меѓутоа сè уште се нема случено здружување на студентските организации, односно омасовување на тоа алтернативно студентско здружување со цел да се побара од универзитетите или од универзитетските управи да овозможат плурализам во студентското организирање. Студентското организирање во Македонија е последниот нереформиран систем на организирање, односно последното јадро каде што не е влезен плурализмот.
Што е со средношколците, како се тие организирани?
Средношколците речиси и да не се организирани. Ако кај студентите имаме монополизирано студентско организирање, кај средношколците не постојат средношколски унии. Ние порано бевме сведоци на две национални средношколски унии, едната се викаше Унија на средношколци на Македонија, другата Средношколска унија на Македонија, едната под контрола на левиот партиски блок, другата под контрола на десниот партиски блок и тоа не беше добро бидејќи беа партиски контролирани, но барем постоеја, барем се појавуваа од време на време со некаков став, бранејќи ги правата на средношколците. Денес ни едната ни другата не постојат, пасивизирано е до нула средношколското организирање. Она што МОФ сега го прави е да формира демократски средношколски заедници во неколку училишта во Македонија. Целта е да допреме до што е можно повеќе средношколци и до што е можно повеќе средни училишта во Македонија, за да може еден ден да се основа таква демократска, плуралистичка, национална средношколска унија. Она што е пострашно е што во ниедно средно училиште во Македонија, во ниеден орган на ниедно средно училиште во Македонија не седи средношколец. Средношколците немаат ни право на мислење, ни право на глас. Единствено се консултирани, не одлучуваат, туку се само консултирани кога училиштата носат одлука каде ќе се оди на екскурзија или кое фото студио ќе ги фотографира за матурската средба или за таблото. Тоа е таканаречен декор во учеството на средношколците во носењето одлуки. Она што е неопходно е да бидат консултирани за сите процеси.
Колку тие препознаваат дека треба да бидат организирани? Колку ја препознаваат таа потреба?
Многу препознаваат. Ние преку истражување најпрво ги прашавме кои се нивните клучни проблеми, многу добро ги детектираат, односно наставник-ученик, инфраструктурата во училиштата, курикулумот, начинот на којшто се носат одлуки, партиските влијание, меѓутоа во исто време велат дека се разочарани од неуспехот. Секогаш кога се обиделе да се здружат, да дигнат глас, да реагираат на некоја несоодветна појава во средното училиште, добивале или намалено поведение или заострен, строг однос од страна на професорите и директорите. Од вакви неостварени акции средношколците се разочарани од неуспехот и едноставно поминуваат низ образовниот систем без да се потрудат повеќе да добијат внимание или остварување на нивните права.
Тоа веројатно после се рефлектира и на студентското организирање?
И на студентското организирање, но и кога еден млад човек ќе излезе од факултетските клупи. Ако вие во средно образование и на факултет сте биле со наведната глава пред шалтерот на студентски прашања, сигурно утре како возрасен граѓанин ќе бидете со наведната глава пред шалтерот на некоја институција.
Зошто невработеност е главен проблем со кој се соочуваат младите?
Ова прашање бара стручна и научна елаборација. Сите овие причини кои ги наведовме досега влијаат врз невработеноста, а тоа, пак, многу влијае на иселувањето на младите надвор од Македонија. Според мене, една од главните причини за невработеноста на младите е неангажираност. Ако вие ги држите младите во рамки на образованиот систем надвор од одлучувањето, ако немаат допирна точка со органите каде што се носат одлуките, добивате млади луѓе кои созреале без да знаат како функционираат механизмите за носење одлуки, односно неангажирани млади луѓе. Ние сè почесто имаме млади луѓе со факултетска диплома или со магистерска диплома со празно CV, во нивното CV стои само формалното образование, што никако не гарантира вештини. Работодавачот нема да сака да вработи млад човек којшто нема ниедна воншколска активност, ниедна развиена вештина, туку само диплома од одреден факултет. Тука под знак прашање се доведува и квалитетот на самото формално образование. Ние се соочивме со ситуација да се отвораат многу универзитети и факултети низ целта држава без притоа да се внимава на факултетот. Наместо ние постоечките високообразовни капацитети да ги зајакнеме и да ги подобриме, ние се одлучивме да ги реплицираме оние малку квалитетни структури или капацитети. Она што, според мене, треба да се направи е да се вложува во бенефиции за средните и големите компании, со цел тие компании кои се на здрави нозе да вработат што е можно повеќе млади и така младите да го научат бизнисот, за да можат утре да станат претприемнички ориентирани, бидејќи не се станува претприемач само со храброст, како што бевме сведоци на една кампања „Осмели се“. Да, потребна е и храброст, но потребно е и знаење, искуство и вештини, а таквите може да се стекнат преку практична настава во рамки на образовниот систем и преку учење на бизнисот, купување на бизнисот или ако сакате „крадење“ на идеи од веќе постоечките компании.
Како ќе се одразат врз младите измените кои предвидуваат можност подоцна да се оди во пензија, како и тоа хонорарците да си плаќаат придонеси?
Ние може само да претпоставиме како ќе влијаат, ќе беше добро да постоеше некаква анализа, да беше јавно презентирана до нас како организации и до широката јавност. Таква анализа не е доставена, не е достапна, не знам дали постои или едноставно не е изработена, или се оди на чекор што може да има други цели. Она што е јасно е дека ваквата мерка ќе даде шанса на возрасните граѓани да останат на работа подолго, односно да не влезат во пензија, ама со тоа ќе се скрати шансата на младите да бидат вработени, бидејќи компаниите ќе мора да го задржат оној возрасен граѓанин кој одлучил да го продолжи својот работен стаж и за сметка на тоа нема да бидат во можност да вработат друг млад човек. Дополнителен товар на оваа ситуација е плаќањето на задолжителни придонеси за хонорарците, бидејќи ние сме сведоци дека голем број на млади луѓе пред да се вработат официјално, неколку месеци или неколку години работат хонорарно. Мојот став е дека хонорарната работа треба да остане, да биде можност за младите така на почетокот на својот работен стаж да изградат вештини, па подоцна да можат да влезат во сериозен работен однос.
Ако на сите анкети и истражувања повеќето од младите кажуваат дека првенствено би работеле во јавна администрација, наместо да почнат со свој бизнис, што ни кажува тоа?
Јас тој податок би го компарирал и со една друга информација дека најголем дел од младите сакаат да ја напуштат државата. Ако ние ја споредиме бројката колку сакаат да ја напуштат државата, колку сакаат да работат во државна администрација и колку сакаат да започнат сопствен бизнис, убедливо води бројката на оние кои сакаат да ја напуштат државата. Тоа ни кажува дека младите, веќе свесни во какви услови живеат, побрзо би ја напуштиле државата и би работеле на друго место под сериозни услови, а за сметка на тоа да ги напуштат најблиските, отколку да земат партиска книшка за да се вработат во државна администрација. Од оние кои не се решени да ја напуштат државата, односно по секоја цена се убедени да останат тука, мислам дека бројката на оние коишто би влегле во државна администрација е можеби и помала, бидејќи сè уште има млади кои веруваат дека може да отворат сопствен бизнис. Сепак истражувањата велат дека за нијанса преовладува бројката на оние коишто сакаат да влезат во државна администрација. Тоа се должи на оној социјалистички синдром дека во државно е најдобро, дека таму платата е сигурна, меѓутоа кај нас е извулгаризирано и сведоци сме што сè политичките партии им прават на граѓаните, односно ги принудуваат граѓаните да направат сè со цел да останат во државна администрација. Ние бевме сведоци на носење на огромни групи на граѓани со автобуси по митинзи, по протести, по контра-протести само за да може да ја задржат својата работа на државно.