Нема работа во Италија, печалбарите се селат во други земји

Општина Центар Жупа.

Печалбарите од Жупа, Дебар и Река кои со години печалат во Италија, поради безработица таму, сега одат на работа во Швајцарија и Германија.

Поради немањето работа многу наши печалбари кои повеќе години беа на печалба во Италија, во последно време работа обезбедуваат во другите земји на Европската унија. Тие најчесто ако ги исполнуваат условите со своите фирми, но и индивидуално обезбедуваат работа во Швајцарија и Германија. Засега според здруженијата на нашите печалбари од Жупа, Дебар и Река кои се активни во Италија, повеќе од илјада печалбари од вкупно над 6 илјади колку што се оценува дека ги има во Италија од овој регион, а кои претежно работат во сферата на градежништвото, веќе печалат во другите земји на ЕУ.

Jас моментално со мојата градежна фирма работам во градот Касел. Фирмата работи како подфирма на една голема германска компанија. Италија и Германија имаат потпишано спогодба со која италијанските фирми кои работат во Германија немаат двојно оданочување,
Меди Исмаил, печалбар.

Меди Исмаил на печалба во Италија замина на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, но последните години поради немање работа, со својата фирма печалбата ја продолжи во Германија.

„Во Италија заминав во 1990 година, додека пак документи, односно документот сонџорно го добив во 1995. Во Италија работев се до 2011 година, кога поради економската криза во оваа земја заминав во Германија. Таму со мојата фирма заминав по двата услова кои треба да се исполнат за да работиш во земјите на ЕУ. Поседувам двојно државијанство и фирма која е регистрирана во Италија во 2002 година.“

Меди Исмаил.

Исмаил со неговата фирма многу успешно заработува во Германија. Тој објаснува дека соработката на неговата фирма со германските големи компании е мошне добра и работа добива многу лесно.

Има и многу други кои ги познавам, кои сакаат да вложат заработени средства во инвестиции во родниот крај, а со тоа и да се вратат дома. Но сепак се зависи од нивото на заработувачката и висината на инвестициите за кои би се одлучиле.
Меди Исмаил, печалбар.

„Јас моментално со мојата градежна фирма работам во градот Касел. Фирмата работи како подфирма на една голема германска компанија. Италија и Германија имаат потпишано спогодба со која италијанските фирми кои работат во Германија немаат двојно оданочување, што значи дека нашата фирма регистрирана во Италија даноците и другите давачки ги наплатува само во едната држава, и тоа по свој избор во Германија или Италија. Ние моментално работиме на градежни работи во ниско и високоградба. Заработувачката е добра и исплатата на средствата се врши редовно еднаш во неделата“, вели Исмаил.

РСЕ : Дали планирате да се вратите во родниот крај и да инвестирате во Македонија?

„Мојот интерес за да инвестирам конкретно во Жупа е голем. Сакам да инвестирам во сферата на техничките служби и сообраќајот, бидејќи имам таква струка. Тоа е желба и моја и на моето семејство.“

РСЕ: Каков е интересот кај вашите пријатели печалбари, за инвестиции во родниот крај ?

„Има и многу други кои ги познавам, кои сакаат да вложат заработени средства во инвестиции во родниот крај, а со тоа и да се вратат дома. Но сепак се зависи од нивото на заработувачката и висината на инвестициите за кои би се одлучиле“, подвлекува печалбарот Меди Исмаил.

Покрај оние печалбари кои од Италија сега работа обезбедуваат во другите земји на ЕУ, поради економската криза во Италија и големата безработица, последните години голем број семејства на печалбарите се враќаат во својот роден крај во Жупа, Дебар и Река. Тие велат дека во Италија сега многу тешко се наоѓа работа, а пак оние фирми кои веќе реализрале своја активност, тешко ги добиваат парите.