Воздухот во Тетово и летово загаден како зимоска

Во јули само десетина од 31 ден концентрацијата на пи-ем 10 честички била во рамки на дозволените 50 микрограми на кубен метар, покажуваат податоците на Министерството за животна средина.

Жителите на Тетово и летово се соочуваат со загадениот воздух како што беше и во текот на зимата. Присуството на штетни материи во воздухот и сега е неколку пати над дозволеното. Според мерењата на квалитетот на воздухот кои Министерството за животна средина ги објавува на својата веб страница, во јули само десетина од 31 ден концентрацијата на пи-ем 10 честички била во рамки на дозволените 50 микрограми на кубен метар.

Индустријата не придонесува толку, туку сообраќајот и тоа дури 70 проценти. Триесетина проценти се друго за летниот период. Во зимскиот период тоа е горењето на фосилни горива, комунална нехигиена, отсуство на зелени површини.
Доктор Ратко Давидовски, Центар за јавно здравје во Тетово.

Доктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена хигиена во тетовскиот Центар за јавно здравје, објаснува дека луѓето најмногу придонесуваат за ваквата состојба. Според него доказ за тоа се мерењата во текот на еден ден или 24 часа. Тешката индустрија иако работи 24 часа, сепак во текот на ноќта нема зголемен број на отровните честички. Од друга страна во период од 9 до 17 часот кога најмногу се користат возилата и се испуштаат штетени материи, тогаш во воздухот се бележат највисоки параметри, смета Давидовски.

Доктор Ратко Давитковски.

„Индустријата не придонесува толку, туку сообраќајот и тоа дури 70 проценти. Триесетина проценти се друго за летниот период. Во зимскиот период тоа е горењето на фосилни горива, комунална нехигиена, отсуство на зелени површини“, вели доктор Ратко Давидовски.

За надминување на состојбата, според Давидовски, треба да се зголеми совесноста кај луѓето, а институциите соодветно да реагираат и преземаат мерки кон оние кои значително придонесуваат за загадувањето. Здравјето на секој жител на градот без исклучок може да биде загрозено од присуството на штетни отровни материи во воздухот.

„Најмногу страдаат хроничните болни на респираторни заболувања, оние што имаат хроничен бронхит и бронхијална астма, тие се е први. На второ место се старите луѓе, а на трето децата“, смета Давидовски.

Тетово во текот на зимата со месеци беше на првото место на листата со градови каде присуството на штетни материи во воздухот беше над дозволеното. При крајот на декември 2013 во градот беа измерени рекордни 906 микрограми отровни честички прашина на метар кубен или 18 пати над дозволените 50.