Разликите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за името генерираат општи поделби

Македонците преферираат зачувување на името пред евроатланските интеграции, а 68 отсто Албанци би ги избрале европските интеграции место името.

Речиси една година лидерот на ДУИ Али Ахмети тврди дека последниот предлог на Нимиц за името е добра основа за компромис. Неговиот владин партнер Груевски, пак, молчи за конкретниот развој на настаните и генерално спротивно од Ахмети кој инсистира дека сега е време за решавање на проблемот, не дава никакви оцени околу временската рамка ниту зборува за предлозите за кои се разговара.

Ако се знае дека ВМРО-ДПМНЕ кај Македонците и ДУИ кај Албанците имаат широка поддршка особено за ова прашање, тогаш тоа значи дека нивниот став автоматски се прифаќа и се смета како став на сите граѓани на таа етничка заедница.
Насер Зибери, политички аналитичар.

Сега, пак, за проблемот поради кој се блокирани македонските евроатланските интеграции се јавија и македонската и албанската дијаспора. Светскиот македонски конгрес кој претендира дека ги застапува барањата на македонските иселеници бара да се прекинат разговорите, а албанската дијаспора, пак, вчера побара спротивно, односно да се постигне договор со Грција за промена на името.

Според аналитичарите првично поделбите во процените за решавање на спорот кои ги имаат владините партнери генерираат разлики и кај другите во општеството.

Мислам дека тоа е еден вид на психолошки притисок врз македонските гласачи доколку тоа дојде на референдум го прифатат онака како што ќе им го пласираат владејачките партии.
Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција.

Аналитичарот Насер Зибери нагласува дека во целата слика сепак има и заеднички став, односно дека не треба да се навлегува во идентитетските прашања, а разликите се за динамиката и излезот од ситуацијата.

„Ако се знае дека ВМРО-ДПМНЕ кај Македонците и ДУИ кај Албанците имаат широка поддршка особено за ова прашање, тогаш тоа значи дека нивниот став автоматски се прифаќа и се смета како став на сите граѓани на таа етничка заедница и таа поделеност се разбира потоа се рефлектира негативно и врз другите општествени текови“, вели Зибери и додава дека во Македонија има премногу поделби по етничка линија и дека не е потребно создавање и на нови.

Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека веќе таа поделба е направена. Според една анкета на МЦМС спроведена годинава ставовите меѓу Македонците и Албанците се одалечуваат за речиси 65 отсто. Македонци преферираат зачувување на името пред евроатланските интеграции, а 68 отсто Албанци би ги избрале интеграции место името.

Владо Димовски од невладината организација Центар за меѓуетничка толеранција тврди дека различните ставови во владината коалиција не се случајни.

„Кај Македонците веќе подолго време се пласира една идеја дека ако името не се смени, ќе настане лоша ситуација за Македонија, бидејќи Албанците тоа го инсистираат итн. Сепак мислам дека тоа е еден вид на психолошки притисок врз македонските гласачи доколку тоа дојде на референдум го прифатат онака како што ќе им го пласираат владејачките партии и токму заради тоа го прават овој психолошки притисок“, вели Димовски кој е убеден дека ваквите разлики на подолг рок нема да бидат опасни за меѓуетничките односи.