Организаторите за утре најавија нови протести во Скопје поради незадоволство од пресудата за случајот Монструм. Ги повторија нивните барања и се пожалија на престрог однос на судството и полицијата кон уапсените демонстранти од претходните протести. Според најавите утрешниот протест ќе почне во 13:45 пред трговскиот центар Чаирчанка, а треба да заврши кај споменикот на Скендербег во Старата Чаршија.
Ако се има предвид дека за еден протест три години те осудуваат, може да претпоставите кој може да излезе да протестира кога би имал предвид што може да се случи.Бедри Хајдари, брат на еден од осудените на доживотен затвор во случајот Монструм.
Организациониот координативен совет ги повтори нивните барања. Тие бараат прогласување на осудените во „Монструм“ за невини и нивно обештетување, разрешување на обвинителката Гордана Гешковска и на судијата Ивица Стефановски и нивно кривично гонење поради злоупотреба на службената должност, оставка на министерката Гордана Јанкулоска поради злоупотреба на службената должност, со тоа што, како што велат, таа ги прогласила за виновни осудените уште по нивното апсење. Тие бараат и ослободување шестемина осудени Албанци на по три години затвор за насилствата на протестите минатиот месец. Бараат и надзор од меѓународен претставник врз правниот систем, како и министерот за правда, кој е од ДУИ, да се изјасни за пресудите и во случајот Монструм и за пресудите врз демонстрантите.
Бедри Хајдари, брат на еден од осудените на доживотен затвор во случајот Монструм, не се согласува дека на секој нареден протест доаѓаат се помалку луѓе.
„Јас мислам дека повеќе луѓе излегуваат не помалку. Ако се има предвид дека за еден протест три години те осудуваат, може да претпоставите кој може да излезе да протестира кога би имал предвид што може да се случи, .. тепање, малтретирање, тепање од страна на полицијата во комби, врзaни раце...“, вели Хајдари.
Шестмина Албанци пред месец и половина во случајот наречен Монструм беа осудени на доживотен затвор за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро пред Велигден во 2012 година.