Нема канализација, ама има барок

Панорамско тркало на Вардар, Прскалка на плоштад, а улиците во градот и при најмал дожд се претвораат во реки. Градот нерационално троши парите, велат познавачите.

Град Скопје ќе даде 18,3 милиони евра за Панорамско тркало кое ќе биде поставено на нов мост на Вардар, кој ќе се изгради меѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“. На плоштадот во Скопје во тек е и изградбата на новата фонтана која чини 2,5 милини евра, а се плаќа со градски и владини пари.

Тоа ви е исто како дома да немате инсталирано водоводни и канализациони цевки, значи да немате дома вода, ама да имате уметничка слика од 500 илјади евра во празната дневна соба.
Зоран Витанов, економски аналитичар.

Наспроти дотерувањето на центарот, деновиве главниот град речиси секое попладне по дождот се соочува со проблеми. По врнењето сообраќајот на неколку точки е нефункционален, под подвозниците се јавуваат реки, а се поплавуваат и домови на граѓани. Минатиот месец се одложи и уште еден инфраструктурен проект. Имено, Советот на Град Скопје одлучи да ја тргне ставката предвидена за подземната сообраќајница од буџетот за годинава.

Изградба на нова фонтана на плоштад „Македонија“.

Економискиот аналитичар Зоран Витанов смета дека градот нерационално ги троши парите.

„Тоа ви е исто како дома да немате инсталирано водоводни и канализациони цевки, значи да немате дома вода, ама да имате уметничка слика од 500 илјади евра во празната дневна соба во која немате ни кауч на кој да седнете, е тоа прави нашиот градски татко“, вели Витанов.

Да се реши проблемот со канализацијата би требало да биде најлесен и најмал проблем во однос на она што се фрлаат парите непотребно за да се докаже моќта на власта, ништо повеќе.
Ѓорѓи Константиновски, универзитетски професор во пензија.

Инаку градоначалникот Коце Трајановски кој редовно излегува на терен по дождовите најави дека се изработувале проекти за фекални и атмосферски колектори, чија вредност ќе била повеќе од 15 милиони евра. Но тој сепак оцени и дека ако се повторело невремето со истиот интензитет што и да се направело не можеле да овозможат критичните точки целосно и постојано да бидат во функција.

Според пензионираниот професор од Архитектонскиот факултет Ѓорѓи Константиновски секој проблем во денешно време е решлив. И тој смета дека градските власти за сметка на други проекти ги занемаруваат основните за функционирањето на градот.

„Денеска може се што ќе се замисли да се реализира, вие знаете каде отиде техниката и за една најобична работа што треба да се реши за градот, да се речеме да се реши проблемот со канализацијата би требало да биде најлесен и најмал проблем во однос на она што се фрлаат парите непотребно за да се докаже моќта на власта, ништо повеќе“, вели Константиновски.

Во меѓувреме се продолжува со градбите за кои постојат контроверзии и несогласувања. Вчера во советот на Општина Центар не помина ветото што го стави градоначалникот Андреј Жерновски за деталните урбанистички планови според кои меѓудругото на Водно ќе никне десеткатница.