Како се трошат општинските пари?

Со цел да се види транспарентноста за буџетот и учеството на граѓаните во носењето одлуки за трошењето на парите, од јули оваа година десет невладини организации почнаа со мониторинг на буџетите во 20 поголеми општини.

Учеството на граѓаните во креирањето на буџетот и давањето иницијативи за решавање на нивните проблеми во општините е регулирано со закон, но има и многу граѓани кои не знаат каде се трошат нивните пари и за што. Со цел да се види транспарентноста за буџетот и учеството на граѓаните во носењето одлуки за трошењето на парите, од јули оваа година десет невладини организации почнаа со мониторинг на буџетите во 20 поголеми општини. Проектот го спроведува Центарот за економски анализи со финансиска помош од ЕУ.

Мониторингот ќе го вршиме преку достапноста на документите, веб страниците, соработката на граѓаните со Советот и со градоначалникот, колку се транспарентни во отчетот што го дава градоначалникот на крајот на годината, тоа ќе го истражуваме.
Даница Петличкова, Женска граѓанска иницијатива за Пелагонскиот регион.

Невладините организации ја образложуваат потребата од мониторинг со фактот дека има потреба да се види дали кога се носат предлог буџетите тие транспарентно се доставени до граѓаните, што, како што потсетуваат, може да се направи на веб страницата на општината или преку доставување на документите до невладините организации или на пример до граѓаните заедно со комуналните сметки, за да видат што се планира да се направи со тие пари во општината.

„Мониторингот ќе го вршиме преку достапноста на документите, веб страниците, соработката на граѓаните со Советот и со градоначалникот, колку се транспарентни во отчетот што го дава градоначалникот на крајот на годината, тоа ќе го истражуваме“, вели Даница Петличкова од Женската граѓанска иницијатива за Пелагонскиот регион.

Има повеќе општини што имаат проблеми со користењето на средствата, незаконски влегуваат во задолжување, посебно пред различни изборни циклуси трошат многу повеќе пари отколку што тоа е дозволено.
Аце Коцевски, градоначалник на Велес.

Има позитивни примери, но има и општини кои конзервативно, во само една постапка, ги носат буџетите, велат стручњаците, но најголемиот проблем на кој укажуваат е што државни пари се трошат за партиски цели за време на избори. Во последно време се зголеми праксата пред избори да се трошат пари за реконструирање улици или други зафати, вели поранешниот градоначлник на Велес, Аце Коцевски.

„Има повеќе општини што имаат проблеми со користењето на средствата, незаконски влегуваат во задолжување, посебно пред различни изборни циклуси трошат многу повеќе пари отколку што тоа е дозволено. Со Законот за јавни набавки забрането е да се распишуваат јавни набавки, да се склучуваат договори доколку за тоа не се обезбедени финансиски средства“, вели Коцевски.

Координаторката на проектот Коалиција за буџетскиот мониторинг, Весна Гарванлиева Андонова, вели дека проектот нема за цел да прави анализа на можни неправилности во трошењето на парите, туку да се унапреди процесот на буџетирање со цел поголемо вклучување на граѓаните.

„Тие ќе ги мониторираат на интервали и после може да се споредува што е унапредено, што не е унапредено, дали гледаат само на правната рамка за транспарентност или одат и понатаму“, вели таа.

Коцевски оценува дека добро е невладините организации да помогнат со својот проект во унапредувањето на транспарентноста за трошењето на парите во општините, но нагласува дека е неопходна поголема контрола врз трошењето од државните органи бидејќи, како што дополнува, не смее да се дозволи општините да трошат повеќе пари од дозволеното, особено не за да се додворуваат на граѓаните пред избори.