Повторување на пораките кои постојано стигнуваат на наша адреса и кои само потврдуваат дека земјава е во статус кво позиција. Вака домашните аналитичари ги коментираат изјавите на американскиот заменик државен секретар Викторија Нуланд по вчерашната посета во Скопје. Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, е убеден дека критиките кои Нуланд му ги пренела на државниот врв биле многу поостри од реториката пред медиумите.
Мислам дека Викторија Нуланд беше пред новинарите мека, но со политичарите претпоставуваме дека можеби некогаш го надминува тој дипломатски бон-тон, ја кажува целата вистина и сега очекува да го види фидбекот од таа посета.Нано Ружин, универзитетски професор.
„Мислам дека Викторија Нуланд беше пред новинарите мека, но со политичарите претпоставуваме дека можеби некогаш го надминува тој дипломатски бон-тон, ја кажува целата вистина и сега очекува да го види фидбекот од таа посета“, вели Ружин.
Пораките се истите кои ги слушаме изминатите неколку години: интегрирана Македонија, политичка и меѓуетничка хармонија, потребата од решавање на спорот за името, вели политичкиот аналитичар Едмонд Адеми, според кого Македонија се однесува како ученик повторувач на кој постојано треба да му се кажуваат истите работи.
Досега се покажа дека таа политика на морков без стап не врви, така што јас мислам дека мора малку и стапот да го стават во игра.Едмонд Адеми, политички аналитичар.
„Претпоставувам дека и тие се веќе уморни од повторувањето на истото, меѓутоа кога веќе доаѓа во Македонија, што друго човек да каже, освен да ги повтори истите работи“, вели Адеми.
Дали и колку овојпат пораките ќе наидат на посакуваниот прием кај политичките лидери? Професор Ружин вели дека Нуланд многу добро го познава профилот на балканскиот политичар, но и популистичките методи на македонската Влада.
„Таа беше амбасадор во НАТО во Букурешт во 2008, беше сведок на сите тие ветувања дека еве набргу ќе се реши проблемот со името, тогаш ја храбреше македонската делегација, но еве, што имаме шест години подоцна, практично немаме ништо, сè уште тапкаме во место“, вели Ружин.
Според Адеми, политиката на меѓународната заедница треба да биде поотворена кон земјава, како што е во комуникацијата со другите земји во регионот. Внимателниот и дипломатски пристап не значи и успешно спроведување на пораките и барањата од нивна страна.
„Досега се покажа дека таа политика на морков без стап не врви, така што јас мислам дека мора малку и стапот да го стават во игра“, вели Адеми.
По средбата со премиерот Никола Груевски, Нуланд повика на важноста на политичката и меѓуетничката хармонија, на исполнувањето на Охридскиот рамковен договор како предуслов за иднината на државата, на потребата од продолжување на реформите за забрзување на евроинтеграциските процеси. Ја повтори американската поддршка за интегрирана Македонија и за решение на спорот за името како предуслов кон остварување на нејзините евроатлански аспирации.