Достапни линкови

САД ја поддржува визијата за интегрирана Македонија


Средба на премиерот Никола Груевски со американскиот помошник државен секретар за eвропски и eвроазиски работи Викторија Нуланд.
Средба на премиерот Никола Груевски со американскиот помошник државен секретар за eвропски и eвроазиски работи Викторија Нуланд.

САД ја поддржува визијата за интегрирана Македонија и македонските ероатлански аспирации, порача гостинката од Соединетите држави Викторија Нуланд.

Македонските ероатлански аспирации се приоритет за Соединетите Држави, изјави по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски, американскиот заменик државен секретар за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд, потврдувајќи дека проширувањето е се уште приоритет на Алијансата.

Соединетите Држави силно ја поддржуваат заедничката визија која ја имавме уште од Охрид, а тоа е визијата за една земја која се движи напред во просперитет и демократија“, порача Нуланд одговарајќи на прашањето за тоа како ја коментира политичката ситуација во земјава особено по протестите за Монструм.

Ние веќе долго време ја поддржуваме визијата за интегрирана Македонија. Вие имате посебни одговорности во регионот за да станете пример дека македонската и албанската заедница живеат заедно мирно и во просперитет.
Викторија Нуланд, американски заменик државен секретар за европски и евроазиски прашања.

„Ние веќе долго време ја поддржуваме визијата за интегрирана Македонија. Вие имате посебни одговорности во регионот за да станете пример дека македонската и албанската заедница живеат заедно мирно и во просперитет. Тоа подразбира тешка работа и можности за двете страни. Многу е важна политичката и интеретничката хармонија како и напредокот на двете заедници заедно“, рече Нуланд.

Премиерот Груевски истакна дека со Нуланд имале конструктивен разговор во кој уште еднаш бил реафирмиран ставот околу неопходноста за поскоро зачленување на Македонија во НАТО и отворање на преговори за членство во Европската Унија.

Ја изразуваме нашата јасна и недвосмислена определба за продолжување на реформите во сите области каде е тоа потребно.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

„Ја изразуваме нашата јасна и недвосмислена определба за продолжување на реформите во сите области каде е тоа потребно“, изјави Груевски.

Задоволна сум што од тоа што го слушнав денеска од премиерот, дека реформите се спроведуваат и тоа е апсолутно суштинско, рече Нуланд, додавајќи дека односите меѓу двете земји се одлични.

„Сакам да се заблагодарам на вашата војска за многу силната и храбра улога во мисиите на ИСАФ во Авганистан, тоа праќа силен сигнал дека денеска Македонија е силен извозник на меѓународниот мир“.

Нуланд се осврна и на прашањето за името и порача:

„САД и јас лично ги поддржуваме вашите напори да се реши името преку процесот на ОН, ја повторувам американската волја да остане вклучена и ангажирана во тој процес додека да се најде решение, а со цел Македонија целосно да ги реализира сите свои евроатлански аспирации во НАТО И ЕУ“, рече Нуланд.

И премиерот Груевски истакна дека е очекувана улогата и придонесот на Соединетите Држави во преговорите за името, додавајќи дека и Македонија и Грција имаат обврска целосно и конструктивно да ги продолжат разговорите под покровителство на генералниот секретар на Обединетите Нации и оти и двете земји треба да пристапат кон решавање со добра волја и желба за успех, а во согласност со меѓународните стандарди.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG