Американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд за време на посетата на Црна Гора укажа на потребата за реформи во службите за безбедност со цел таа да биде подготвена за прифаќање на стандардите на НАТО.
Според дел од црногорските аналитичари, тоа било уште една потврда за наводите од неименувани извори од Брисел оти од 25 до 50 црногорски разузнавачи биле поврзани со Русија.
„Тие одамна ја следат Црна Гора и знаат дека во Црна Гора се води дупла игра. Гласна приказна за европски и евроатлантски интеграции, а под тоа руски тајкуни, низ мрежа на организиран криминал и корупција кои спроведуваат тивка окупација на сите државни ресурси“, вели геополитичкиот аналитичар Благоја Граховац, наведувајќи дека таква дупла игра води пред се владејачката партија.
Тие одамна ја следат Црна Гора и знаат дека во Црна Гора се води дупла игра. Гласна приказна за европски и евроатлантски интеграции, а под тоа руски тајкуни, низ мрежа на организиран криминал и корупција кои спроведуваат тивка окупација на сите државни ресурси.
Изјавата дека во Црна Гора постојат руски шпиони, доаѓа во момент кога односите меѓу Подгорица и Москва се затегнати поради придружувањето на Црна Гора кон санкциите на Европската унија спрема Русија поради украинската криза.
„Што се однесува до некои руски предупредувања за Црна Гора, божем тие се протерани и истиснати од земјата, тоа се трикови на разузнавачите и треба да се читаат поинаку“, вели Граховац.
Како и да е, наводите за руски шпиони покрена голема расправа во земјата, пред се за тоа како функционираат црногорските безбедносни структури.
Според Коча Поповиќ од Демократскиот фронт, наводите треба да претставуваат аларм за институциите.
„Небитно е дали работат за руси, американци, турци, албанци, туку дека се во нашата агенција и оти работат за други. Тоа е аларм за секоја нормална држава. Неприфатливо е постоење на двојни агенти“, оценува Коча Поповиќ.
На веста за руски агенти веднаш реагираше премиерот Мило Ѓукановиќ со тврдењето дека во текот на сите дипломатски разговори немало никакви забелешки ниту навестувања и сомнежи оти постоеле разузнавачи поврзани со Русија.
Од друга страна, некои црногорски медиуми потсетуваат дека официјални претставници на НАТО, но и клучните партнери на земјата во евроатланските интеграции неколку пати ја истакнувале неопходноста од реформи на службите за безбедност како еден од клучните услови за прием на земјата во НАТО.
Институциите, според аналитичарите тешко дека ќе можат нешто да сторат земјата да го отстрани сомневањето во врска со руските шпиони.
„Тие се заробени. Можат да кажуваат приказни и да фингираат. Тие се одговорни за ваквата состојба. Сега ќе се обидат од себе да ја тргнат одговорноста, но тоа е невозможно бидејќи веќе неколку децении се на власт“, наведува геополитичкиот аналитичар Благоја Граховац.