Затвор поради вазектомија во Иран

Како дел од напорите на Иран да ја зголеми својата популација, хируршките методи со кои се предизвикува стерилност кај мажите, со новиот закон, кој е во собраниска процедура, ќе станат кривични дела казниви со затвор.

Иран не може да ги присили своите граѓани да имаат повеќе деца, но затоа може да им ја одземе можноста со хируршки интервенции да станат стерилни.

Деновиве на државните медиуми стартува кампања со порака „Колку повеќе, толку повесело“.

Следејќи ги повиците на врховниот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, парламентот го изгласа предлог-законот со кој вазектомијата или сличните хируршки методи за врзување на каналите, стануваат нелегални, а за прекршителите е предвидена затворска казна од 2 до 5 години.

Да стапат во брак или не, да родат повеќе деца или не, тоа се легитимни човечки права и никој не треба да се меша во приватните работи на граѓаните.
Мохамед Хашеми, професор по право.

Законот доби поддршка од 207 пратеници, додека 106 гласаа против.

Во предлогот не е дефинирано кој ќе биде казнет за прекршокот, дали докторот којшто ја спровел процедурата или, пак, пациентот. Со него се предвидува и казна за лицето коешто ќе промовира стерилитет како контрацептивна мерка. Абортусот е забранет во Иран, освен за исклучителни случаи поради здравствени причини.

Предлогот е испратен на разгледување во собраниската комисија за здравство пред да биде ратификуван од Советот.

Ајатолахот Хамнеи во мај објави програма со која побара од владата да преземе мерки да се зголеми наталитетот, со што ќе се елиминираат бариерите за стапување во брак и ќе им се додели помош на младите брачни парови. Во програмата се повикува на промоција на „Исламскиот и ирански животен стил“ со што се истакнуваат „негативните аспекти на западниот животен стил“. Тој смета дека политиката во изминативе две децении за забавување на растот на населението е погрешна.

Ултра-конзервативниот дневен весник Кејхан објави коментар дека со оваа програма Хамнеи признава дека со досегашната политика е можно многу да се намали наталитетот. Минатата година Иран забележа 1,2 отсто прираст. Деновиве на државните медиуми стартува кампања со порака „Колку повеќе, толку повесело“. Буџетите предвидени за државните програми за планирање на семејство се скратени, а со нив и субвенциите за презервативи.

Предлог-законот наиде на критики во јавноста, особено поради фактот дека со него може да се нанесе повеќе штета отколку добро, со тоа што се однесува на 3 проценти од популацијата коишто ги користат тие методи како превенција за бременост.

Во 2012 година од 3,5 милиони Иранци кои што користеле методи за превенција на бременост, 70 илјади побарале подврзување на каналите, а 30 илјади направиле вазектомија. Околу 1,3 милиони користеле апчиња за контрацепција, а останатите користеле други мерки за заштита.

Според конзервативното крило во Иран, виновници за намалениот раст на наталитетот се Западот и неговото влијание.

Професорот по право, Мохамед Хашеми, изјави дека со законот се прекршуваат основните човекови права и иранскиот устав.

„Да стапат во брак или не, да родат повеќе деца или не, тоа се легитимни човечки права и никој не треба да се меша во приватните работи на граѓаните“, вели тој.

Во дел од интернет медиумите, предлог-законот со кој пациентите кои ќе направат вазектомија ќе се третираат како криминалци е оценет како „горчлива иронија“. Причина за тоа е што пратениците ги игнорираат иранската економска криза и социјалните проблеми, а се занимаваат со оваа тема. На социјалните мрежи граѓаните коментираат дека наместо затворски казни за вазектомија, потребно е да се укине смртната казна, па така нема да се намалува бројот на населението.