Американскиот Стејт департмент соопшти дека помошник државниот секретар Викторија Нуланд за време на престојот во Скопје в понеделник ќе се сретне со високи владини претставници и политички лидери за евроатлантскиот пат на Македонија.
Исто така е наведено дека ќе се разговара и за други прашања од заеднички интерес.
Посетата е во рамките на нејзината турнеја на земјите од регионот, како и на Лондон и Брисел, а која почнува со денешното учество на Форумот во Дубровник за Западен Балкан и трансатлантските односи.
На тридневниот собир учествуваат 18 министри за надворешни работи од земјите од регионот и од Европската унија, како и функционери на Кина, Јапонија, Русија.
По престојот во Скопје, Викторија Нуланд ќе патува за Лондон на средби и разговори за подготовка на следниот НАТО самит што ќе се одржи во Велс, како и за развојот на настаните во Украина.
Веднаш потоа Нуланд ќе престојува во Подгорица на разговори со претставници на Црна Гора. Истиот ден таа во Тирана ќе има средби со албански официјални претставници.
Главни теми и во Погорица и во Тирана, како што најави Стејт департментот, се евроатлантската интеграција на овие земји.
На 13 јули помошникот државен секретар Викторија Нуланд ќе престојува во Приштина и во Белград, каде што ќе се сретне со владини и политички претставници за текот на дијалогот меѓу двете страни.
Главна тема, како што е наведено во Вашингтон, ќе биде напредокот во имплементацијата на договорот за нормализација на нивните односи постигнат на 19 април 2013 година.
По престојот во Скопје, Викторија Нуланд ќе патува за Лондон на средби и разговори за подготовка на следниот НАТО самит што ќе се одржи во Велс, како и за развојот на настаните во Украина.
Овие теми, според Стејт департментот, ќе преовладуваат и на разговорите што американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд ќе ги има со претставници на Европската унија и на НАТО во Брисел.
Викторија Нуланд е помошник државен секретар од минатиот септември. Таа е одговорна за дипломатските односи на Соединетите држави со 50 земји во Европа и Евроазија, како и за односите со НАТО, Европската унија и ОБСЕ.
Пред да ја преземе оваа функција, Нуланд извесно време беше портпарол на Стејт департментот.
Претходно таа две години беше специјален пратеник за Конвенционалните вооружени сили во Европа.
Од 2005 до 2008 година Викторија Нуланд беше 18 постојан претставник на Соединетите држави во НАТО.
Како амбасадор во седиштето на Алијансата во Брисел, нејзината работа беше фокусирана врз зајакнувањето на сојузничката поддршка за мисијата ИСАФ во Авганистан, врз односите со Русија и врз продолжувањето на процесот за проширување на НАТО.