Древниот Охрид, на 12 јули, по 54-ти пат, ќе стане еден од големите глобални културни центри. На градот под Самоиловата тврдина, на државата Република Македонија, цели 40 дена, ќе му се случува неговото „Охридско лето“, манифестацијата која заумно и во континуитет се обидува и успева да го детерминира нашето значајно место на светската културна мапа.
Со својот ангелски глас веднаш го освојува целосното внимание на аудиториумот изнудувајќи воздишки од присутните.Гордана Јосифовска – Неделковска, селекторка на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“.
Следејќи го концептот за големо, за грандиозно отворање, овојпат публиката на Антички театар ќе има можност, наместо една, да види и чуе две големи светски ѕвезди. Со гала оперски концерт, или ако милувате вечер на популарни арии, ќе се претстават италијанските уметници – сопранистката Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи. Нив ќе ги придружува Македонската филхармонија, која патем со овој концерт го прославува својот 70-годишен јубилеј, а диригент ќе биде маестро Луис Голерик од Аргентина.
Верувам дека годинашната програма исполнета пред сè со овие звучни квалитетни светски имиња ќе допринесе и овојпат да имаме исполнето, богато и незаборавно фестивалско издание.Гордана Јосифовска – Неделковска, селекторка на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“.
Фамозната Фритоли зад себе има врвни креации во оперите на класиците Верди, Моцарт, Пучини, Гуно и настапи на сцените на „Метрополитен“, „Ковент гарден“, Виенската национална опера и се разбира, „Ла скала“ во својот роден град – Милано. Критичарите нималку не ги штеделе убавите зборови за нејзините креации на Грофицата во „Свадбата на Фигаро“, Дона Ана и Дона Елвира во „Дон Жуан“ и многу други од маркантниот оперски репертоар, а певицата досега настапувала и со диригенти како славните Клаудио Абадо, Рикардо Мути и Зубин Мехта.
За оперската дива, Гордана Јосифовска – Неделковска, селекторката на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“, вели дека таа „со својот ангелски глас веднаш го освојува целосното внимание на аудиториумот изнудувајќи воздишки од присутните“.
Од друга страна, Нучи со повеќегодишното дејствување на оперските и концертните подиуми има остварено извонредна кариера и соработки со мнозина врвни уметници од современиот свет. Настапувал безмалку на сите најголеми светски оперски сцени, а годинава во Виенската национална опера ја одбележа 500-та изведба на крунската улога за еден баритон - онаа во „Риголето“. Во неговата богата уметничка кариера се вбројуваат и заедничките креации со величенствените Херберт фон Карајан, Лорин Маазел, сер Георг Шолти и Рикардо Чаили. Гласот на Нучи е забележан на повеќе различни носачи на звук, а тој се појавува и во два филма – опери: „Магбет“, презентиран во Кан во 1987 година и „Севилскиот берберин“ - улогата со која практично започна неговата блескава уметничка кариера. Конечно, неодамна беше објавена и книгата „Лео Нучи – случајниот баритон“ посветена на овој исклучителен оперски пејач.
Не помалку е значајно и името на маестро Луис Голерик. Тој на многу млада возраст се има етаблирано како еден од водечките музички дејци во Латинска Америка. Својата интернационална диригентска кариера започнал да ја гради со оркестрите во Чиле и во Израел, за да потем соработува и раководи со оркестри од Словенија, Романија, Исланд... Горелик за својата творечка дејност е добитник на наградата од Претседателот на Чиле, како и на реткото признание „Конекс“ во Аргентина, а се занимава и со педагошка дејност работејќи како професор по диригирање на Националниот музички конзерваториум во Буенос Аирес.
Инаку, кога веќе говориме за музичкиот дел од програмата на „Охридско лето 2014“, не смее да се заборави дека и овојпат акцентот е ставен на врвни уметници кои со својата изведба ќе го изнудат вниманието на веќе пробирливата публика. Така, во случајов ќе го проследиме настапот на еден од најдобрите пијанисти на денешницата Аркадиј Володос, чиј концерт треба да се одржи на 19 јули, а тука се и светски познатиот инструменталист - Хрватот Максим Мрвица кој по прв пат ќе музицира во земјава, интернационалниот вокално-театарски перформанс „The Voca People“ и конечно Симфонискиот оркестар „Шенжен“ од Кина, со чија изведба, на 19 август, ќе биде заокружена Музичката програма на ова „Охридско лето“.
„Верувам дека годинашната програма исполнета пред сè со овие звучни квалитетни светски имиња ќе допринесе и овојпат да имаме исполнето, богато и незаборавно фестивалско издание“, потенцира Јосифовска – Неделковска.