Македонските домашни проблеми лош сигнал за надвор

Средба на премиерот Никола Груевски со еврокомесарот Штефан Филе, Брисел.

Политичката криза, протестите за Монструм, отворените социјални прашања, покрај нерешеното прашање за името праќаат сигнале до меѓународната зедница дека земјата не е подготвена за влез во ЕУ и НАТО.

Македонија влегува во фаза која негативно ќе се одрази на нејзините евроатлански аспирации, предупредува стручната јавност. Внатрешните политички случувања по изборниот процес, бојкотот на опозицијата и враќањето на пратеничките мандати па се до последните протести против пресудата во Монструм, не се сигнал дека земјава може да добие покана за членство во НАТО, а може да ја доведат и во опасност препораката за датум за преговори за членство во Унијата, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.

Овие случувања упатуваат сигнал до меѓународните институции дека Македонија има внатрешни проблеми, дека прашањето со името не е единственото нерешено прашање.
Насер Зибери, политички аналитичар.

„Овие случувања упатуваат сигнал до меѓународните институции дека Македонија има внатрешни проблеми, дека прашањето со името не е единственото нерешено прашање, дека таа претставува нестабилно подрачје кадешто и политичките и меѓуетничките, па и социјалните прашања не се решени“, рече Зибери.

Средба на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска со Штефан Филе во Брисел.

Од Центарот за европско образование велат дека негативните ефекти од политичките случувања во земјава веќе се чувствуваат. Според Бојан Маричиќ од Центарот, тензиите само го нарушуваат меѓународниот углед на државата.

Јас не очекувам премногу, но исто така мислам дека начинот на кој што ќе се реши и дали ќе се реши тој спор, зависи и од тоа како ќе се реши политичката криза.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

„Мислам дека тоа веќе носи негативни ефекти врз евроатланските интеграции, заради тоа што можете да видите дека и британските власти и другите држави, укажуваат на своите граѓани кои патуваат во овој дел на Европа, дека треба да внимаваат на овие случувања во Македонија“, вели Маричиќ.

Аналитичарите стравуваат дека одложувањето на преговорите и блокираниот политички дијалог до есен, ќе значи полош извештај од Европската комисија за напредокот на нашата земја во октомври, а песимистички се и прогнозите за септемврискиот самит на НАТО.

Проблемите дома, дополнително ги поткопуваат надежите дека најавената посета на медијаторот Метју Нимиц во Скопје, ќе донесе некаков исчекор во преговарачкиот процес, вели Зибери.

„Неговите доаѓања се една рутина која треба да ја направи, но ефектите од таквите доаѓања, барем до сега, се нула.“

Иако досегашните посети на медијаторот не влеваат надеж за некаков напредок, Маричиќ смета дека целокупните случувања во државата притискаат за решавање на крупните проблеми.

„Јас не очекувам премногу, но исто така мислам дека начинот на кој што ќе се реши и дали ќе се реши тој спор, зависи и од тоа како ќе се реши политичката криза.“

Во меѓувреме, нема никаков напредок и во политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата. Медиумите пишуваат дека преговарачката маса најверојатно ќе остане празна до септември, и дека и од двете партии нема сигнали дека наскоро ќе побараат нова средба.