За две години во Државната антикорупциска комисија имало околу 400 пријави од граѓани за корупција, а невладиниот сектор за истиот период добил повеќе од 1.000.
Речиси во иста ваква ситуација Република Македонија се наоѓаше во периодот 2000 -2002 година кога се отвори за првпат Државната комисија за спречување на корупција и кога таму се слеваа илјадници пријави од граѓаните, коишто исто така немаа доверба во институциите.Слаѓана Тасева, Транспаренси интернешнл - Македонија.
Претседателката на невладината организација Транспарентност интернационал Слаѓана Тасева на тркалезната маса „Осмели се пријави корупција“ што беше дел од проектот Центар за совети и правна помош оцени дека оваа разлика се должи на недовербата на граѓаните.
„Речиси во иста ваква ситуација Република Македонија се наоѓаше во периодот 2000 -2002 година кога се отвори за првпат Државната комисија за спречување на корупција и кога таму се слеваа илјадници пријави од граѓаните, коишто исто така немаа доверба во институциите. Денеска повторно има голема недоверба во институциите, недоверба дека институциите воопшто нешто ќе преземат по пријавите на граѓаните и дека некој нешто ќе направи за да се реши нивниот конкретен случај. Големото влијание и политизацијата на институциите исто така има голем удел во оваа недоверба“, оценува Тасева.
Судството е се уште сектор кој е најподложен на корупција, со 24 проценти, потоа следи образование со 12 проценти, полиција со 11 проценти...Дона Димов Марковска.
Конкретно за двете години кога се спроведуваше проектот во нивните канцеларии во Скопје, Тетово и Штип се добиени 1.032 пријави од околу 680 подносители. Понатаму оние кои имале основа тие ги процесуирале до надлежните институции.
„Конкретно од државните институции за борба против корупцијата речиси и да немаме одговори, имаме добра соработка со Министерството за внатрешни работи во смисла на комуникација, но не и во смисла на решавање на проблемите. Анторупциската комисија речиси да избегнува било каков контакт со нас. До Јавното Обвинителство доставуваме пријави, а тие преземаат мерки и активности по однос на тие пријави, “, вели Тасева.
Впечатокот сепак е дека кај граѓаните се зголемила свеста за пријавување корупција. Координаторот Дона Димов Марковска преставувајќи ги конкретните бројки рече дека најмногу подносители на пријави имало во скопскиот регион, а најголем дел од нив случаите ги пријавиле преку Интернет.
„Судството е се уште сектор кој е најподложен на корупција, со 24 проценти, потоа лседи образование со 12 проценти, полиција со 11 проценти, работни односи 10 проценти, недвижности и градежништво со 8 проценти, здравство со 7 проценти “, рече Димов Марковска.
Инаку проектот е поддржан од Амбасадата на кралството Холандија во Македонија.