Инфраструктура и странски инвестиции за поголем извоз

Илустрација.

И увозот и извозот од Македонија во првите пет месеци од годинава се зголемиле за по 300 милиони долари во однос на истиот период лани, па трговскиот дефицит останува непроменет.

Дефицитот во трговската размена на Македонија со странство во првите пет месеци годинава надмина една милијарда американски долари. Увозот бил нешто помалку од три милијарди долари, а извозот на стоки од Македонија е во вредност помала од две милијарди долари. Споредено со истиот период минатата година, и увозот и извозот се зголемени за околу 300 милиони долари, но дефицитот е речиси непроменет. Трговскиот дефицит е сличен и во претходните неколку години.

Косовската влада значи инвестира во автопатот кон Македонија 800 милиони евра, а ние не сме спремни ни 100 милиони евра да инвестираме и нашите производи побрзо да ги поврземе со косовскиот пазар.
Биљал Касами, универзитетски професор.

Светската банка неодамна посочи дека зголемувањето на извозот е клучно за поттикнување на економскиот раст во Македонија, но како да се дојде до посакуваното зголемување на извозот? Професор Биљал Касами вели дека прашањето на зголемувањето на извозот е долгогодишна болка на македонската економија. Стратегијата на Македонија треба да биде домашните капацитети да се ориентираат кон регионалните пазари, додека странските инвестиции да извезуваат на европскиот пазар, а кога земјава ќе влезе во ЕУ и домашните фирми да почнат повеќе да извезуваат таму, вели тој. Второ и многу важно прашање се инвестициите во инфраструктурата. Македонија мора добро да се поврзе со соседите, вели Касами.

Важна е покриеноста на увозот со извоз, значи колку повеќе се зголемува стапката на покриеност на увозот со извоз, без оглед на тоа колкав е трговскиот дефицит, тоа значи дека економијата има капацитет да создава производи од кои ќе го покрива трошокот за увоз.
Томе Неновски, универзитетски професор.

„Косовската влада значи инвестира во автопатот кон Македонија 800 милиони евра, а ние не сме спремни ни 100 милиони евра да инвестираме и нашите производи побрзо да ги поврземе со косовскиот пазар. Односот кон Албанија, Бугарија, која е дел од ЕУ, кон Грција и кон Србија е исто така стихиен“, вели Касами.

Професор Томе Неновски, пак, оценува дека податоците од изминатите неколку години покажуваат позитивни тенденции. Тој посочува дека извозот побрзо се зголемува од увозот. Покриеноста на увозот со извоз во првите пет месеци годинава е над 65 отсто, додека во истиот период во изминатите години покриеноста беше околу 60 отсто, вели Неновски.

„Важна е покриеноста на увозот со извоз, значи колку повеќе се зголемува стапката на покриеност на увозот со извоз, без оглед на тоа колкав е трговскиот дефицит, тоа значи дека економијата има капацитет да создава производи од кои ќе го покрива трошокот за увоз“, вели тој.

Неновски посочува дека Македонија не може да се ослободи од зависноста од увоз, но може да го поттикнува извозот, да се поттикнуваат извозните капацитети, да се отвораат нови и да се откриваат нови пазари.

„Всушност, странските инвестиции би рекол дека се тој замаец којшто ни дава позитивен импулс во поттикнувањето на извозот и да се надеваме дека тој веќе започнат тренд ќе продолжи и во иднина што во крајна линија за неколку години ќе вроди со поголем, подобар резултат од сегашниот“, вели Неновски.

Касами, пак, ниту во привлекувањето странски инвестиции не гледа стратегија, туку смета дека работите се одвиваат повеќе стихијно.