Русија никогаш не ги криела своите чувства во врска со напорите на нејзините соседи да развијат поблиски односи со Европската унија. Значи не е никакво изненадување кога заменик шефот на дипломатијата Григори Карасин изјави дека ќе има тешки последици за Украина откако го потпиша клучниот договор за економска соработка со Брисел.
Слични договори за зајакнување на финансиските и политичките врски на ист ден потпишаа и Грузија и Молдавија.
Кремљ никако не сака да го загуби влијанието во поранешните советски републики, па многумина аналитичари очекуваат казните за овие три земји да бидат многу тешки.
Молдавија
Молдавија како најсиромашна земја во Европа е многу чувствителна на секаков вид економски притисок.
На 2 јули, истиот ден кога парламентот го ратификува договорот со Европската унија, Москва објави дека ќе почне ограничен увоз на месо од таа земја. Рестрикцијата била поради санитарни причини.
Во минатиот септември Русија забрани увоз на молдавско вино, главниот извор на девизи на Молдавија.
Кремљ никако не сака да го загуби влијанието во поранешните советски републики, па многумина аналитичари очекуваат казните за овие три земји да бидат многу тешки.
Освен тоа Москва се обидува да искористи уште еден момент, молдавскиот сепаратистички проруски регион Трансдњестар, каде што се уште има руски војници. На 3 јули локални претставници од овој регион и Москва потпишаа договор за соработка што ќе го зголеми руското присуство во Трансдњестар. Како одговор на тоа Молдавија забрани програма на руската телевизија Росија 24.
Украина
Се поизвесното губење на Украина можеби е најголемиот трн за Москва која се надеваше дека Киев ќе влезе во Царинската унија во која се Русија, Белорусија и Казахстан.
Тоа особено се покажа откако на проевропските протести во Киев, Москва одговори со анексија на Крим и со поддршка на проруските сепаратисти на истокот на Украина.
Веќе е најавено дека членките на Царинската унија ќе се повлечат од договорот за слободна трговија со Украина. На 4 јули Русија забрани увоз на многу украински млечни производи поради, како што е наведено, микробилошка загаденост.
Но, можеби најголемата алатка на Москва е во цената на природниот гас. До крајот на летото двете земји треба да ги завршат преговорите за ова прашање, но тоа изгледа тешко оди.
Грузија
Односите меѓу Русија и Грузија се замрзнати од 2008 година по петдневната војна околу грузиските сепаратистички региони Абхазија и Јужна Осетија. Тие прогласија независност која е поддржана од Русија.
Но, Тбилиси и Москва полека почнаа да ги обновуваат врските, воспоставувајќи директен контакт меѓу двете влади.
Иако Грузија оптимистички се надеваше дека спогодбата со Европската унија овој пат нема да предизвика остар одговор од Русија тој дојде индиректно од НАТО кој соопшти дека нема да и понуди на Грузија приближување кон Алијансата.
Дипломатите признаваат дека ситуацијата во Украина предизвика претпазливост на Запад од натамошно иритирање на Москва.
Покрај економски казни за Грузија, се страхува и од можноста Русија да ја анектира Јужна Осетија, како што стори со Крим.