Неделен печат - Скандал во Свети Наум и проблематична опозиција

Туристичкиот комплекс Свети Наум во Охрид.

Фокус пишува за тоа дека државата сака да му го одземе земјиштето на манастирот Свети Наум во Охрид за по 2 евра од метар квадратен, а Република ја анализира опозицијата.

Фокус - Скандалот во Свети Наум

Државата, поточно Владата, му одзема имот на манастирот Свети Наум за срамни две евра од квадрат, за туристички цели.
Фокус.

Главна тема од насловната страница во Фокус е „Скандалот во Свети Наум“, како што е насловен поширокиот текст за тоа дека државата, поточно Владата, му одзема имот на манастирот Свети Наум за срамни две евра од квадрат, за туристички цели и дека владиката Тимотеј ја тужи државата на Управен суд за тоа. А во воведната колумна „За нештата да станат појасни“, се третира преголемото задолжување на Владата при што, како што забележува авторот, ни се фрла прашина в очи секогаш кога треба да се протне ново решение, закон или да се смени Устав. Така и сега. Уставот ќе сме го менувале за да го спречиме задолжувањето на државата?! Арно ама, откако прво ќе го доведеме до ниво од 60 отсто од БДП!? Ако сакаа да глумат домаќини, продолжува Фокус, владата на Груевски никогаш не требаше да го почне проектот Скопје 2014, мајката на сите задолжувања. Можеше, наместо промена на Устав, да направат транспарентен буџет, во кој ќе нема место за сомнителни договорни услуги со огромни суми, за Тркала и Жални врби, за јавни набавки кои се билдаат со анекс-договори, со што се создаваше буџетска дупка... потсетува Фокус.

Чекајќи го Годо, или да не беше, можеби, Заев?! - Опозициски театар на апсурдот.
Република.

Глобус – Панорамско тркало

Колумната „Таленти“ во Глобус е насловена „Тркало“ и се однесува на уште едно големо трошење на владата на Груевски, овој пат за Тркалото во Вардар кое ќе чини 17,5 милиони евра! Инспириран од функцијата на тркалото низ историјата, авторот на колумната наведува дека тркалото е синоним за постојано движење и тоа напред. Небесната дпмнеовска власт, продолжува Глобус, која сè што ќе допре врти наопаку и си го прилагодува себеси, го сврте назад тркалото на прогресот. Притоа, констатира Глобус, со особен талент го убедуваат народот дека движењето наназад е преродба, надградба, прогрес...

Република - Опозициски театар на апсурдот

Неделникот Република и во ова издание останува верен на своите две омилени теми: опозицијата и Европската унија. За последнава, откако Брисел прифатил „ЕУ со две брзини“, неделникот тврди дека ЕУ е пред распаѓање, а за СДСМ насловува текст со наслов: „Чекајќи го Годо, или да не беше, можеби, Заев?! - Опозициски театар на апсурдот“. Уводникот, пак, е посветен на исто така дежурната тема во поголемиот број домашни медиуми - Албанците. Република прашува дали „Има виновен Албанец?“ па ги напаѓа интелектуалците, политичарите, новинарите и припадниците на разни невладини организации на албанската националност во Македонија, зошто секогаш, кога имало некој судски процес на македонски Албанци, тие секогаш искажувале сомневање дека процесите се монтирани и се од политички побуди. Особено политичарите искажувале лажна загриженост и наместо да придонесувале за смирување на страстите, подгревале нетрпеливост со провоцирање, поддржување, па дури и организирање протести, насилства и други видови граѓанска непослушност.