Нема речиси никакви очекувања во домашната јавност од најавената посета на посредникот во спорот за разликите за името Метју Нимиц, кој според постојаниот претставник на Грција во ОН, во наредните неколку недели ќе ги посети Македонија и Грција.
Тој сака да ја задржи таа рутина која 20 години досега не даде резултат. Мислам дека нема никаков нов момент кој би можел да го апсолвира, да го донесе Нимиц тука.Ристо Никовски, универзитетски професор.
Од тоа дека во разговорите и досега не се случуваше ништо до процената дека ова ќе биде само протоколарна посета на Нимиц за да го задржи темпото на процесот се движат оцените на познавачите на проблемот.
Поранешниот министер за надворешни работи во владата на СДСМ, Љубомир Фрчкоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека јавноста нема конкретни информации што се случува, бидејќи спорот се водел во тајни манири, но оценува дека поместувања не биле можни оти немало преговарачки процес за кој морале да бидат формирани тимови.
Ако имаме среќа да има интерес и притисок, тогаш ќе ни создадат можности за излез.Љубомир Фрчкоски, универзитетски професор.
„Како ќе се водат, една недела, десет-петнаесет дена, но додека тоа не се направи, бидете сигурни дека ништо не се случува, значи во овој момент стоиме во место, ништо не се случува“, оценува Фрчкоски.
И според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, од најавената посета на Нимиц сега не треба многу да се очекува.
„Тој сака да ја задржи таа рутина која 20 години досега не даде резултат. Мислам дека нема никаков нов момент кој би можел да го апсолвира, да го донесе Нимиц тука, дека можеби е повторно испитување на условите, приликите итн.“, смета Никовски.
Деновиве, пак, Едвард Џозеф и Јануш Бугајски објавија анализа во Форин афеарс во која нагласуваат дека за надминувањето на проблемот со името Берлин, Лондон, Париз и Вашингтон мора да формулираат пакет казни за Атина и Скопје доколку го отфрлат конечниот предлог на медијаторот за решавање на спорот. И додека за Никовски ова е лошо решение, бидејќи вели дека Македонија ќе биде онаа што ќе изгуби, а не Грција, Фрчкоски нагласува дека без тоа не може да се реши спорот.
„Без тоа нема да го решат спорот повторно, бидејќи тој спор само така се решава, идентитетски, меѓутоа Американците изгубија интерес да се бават со нас. Сега, ако се врати тој интерес, заедно, сетете се секогаш на групата која медиираше во Охрид, Американци и Европјани, значи таа група ќе медиира повторно. Ако имаме среќа да има интерес и притисок, тогаш ќе ни создадат можности за излез“, вели Фрчкоски.
Инаку, претходните прогнози беа дека со оваа посета на Нимиц треба да се направи некаков напредок во пресрет на самитот на НАТО во септември, но таквите очекувања сè повеќе се намалуваат. Македонија, пак, сè уште нема назначено и нов претставник во спорот, откако досегашниот Зоран Јолевски беше именуван за министер за одбрана.