Обработливо земјиште околу Тетово во правец кон првите села веќе речиси и да нема. Земјоделци поради разни причини се одлучуваат да ги продадат нивите, а потоа новите сопственици ги користат да изградат градежни објекти.
Корисно земјиште, може да даде, што се вели- може да роди, а тие прават куќи. Нема кој да ги сопре.Славко Савевски, земјоделец од тетовското село Сараќино.
Славко Савевски од Сараќино, село на само три километри во Тетово, е еден од земјоделците кој сака да го прошири производството, но поради ваквата состојба не е во можност тоа да го направи.
„Нас земјата ни е потребна, ја земаме под наем за обработување и ја користиме земјата. Трактори имаме, механизација имаме, но, за жал се проширува градежниот реон, се прават куќи. Корисно земјиште, може да даде, што се вели- може да роди, а тие прават куќи. Нема кој да ги сопре. Сега се градат и некои фабрики“, вели Славко Савевски.
Еден од факторите е што доста сопственици на земјоделското земјиште не се тука присутни, во странство се.Петре Петревски, Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството.
Петре Петревски од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, вели дека три фактори се клучни кои довеле до тоа да се продаваат нивите од страна на земјоделците.
„Во Тетово недоволно се искористува земјоделското земјиште. Еден од факторите е што доста сопственици на земјоделското земјиште не се тука присутни, во странство се. Други пак земјоделски површини остануваат необработени од причина што нивните наследници, младите не сакаат да преземат. И трета ситуација земјоделското земјиште не се обработува сметајќи дека доста трошоции се потребни за приносите“, вели Петревски.
Тетовското земјиште е квалитетно и штета е да не се искористи за одгледување на зеленчук и овошје, вели Петревски. Според него показател е тоа што успеваат култури кои досега не биле препознатливи за регионот, како аронија, бадеми и сончоглед.
„Во суштина Полог и тетовскиот регион располагаат со едно квалитетно земјиште и жално е тоа земјиште да не се искористи во една ситуација кога денеска имаме еден вид недостаток на храна, борба за храна и затоа треба сите средства да се насочат за развој на земјоделието“, вели Петревски.
Податоците на надлежните велат дека во тетовско има над 3.000 хектари обработливо земјиште. Се смета дека поради пренамената на земјоделските површини тие се намалени за најмалку десетина проценти.