Враќање на Биг бендот на МРТ со концерт во Сули ан

Биг бендот на Македонската радио телевизија.

По цели 14 години, Биг бендот на МРТ со голем солистички концерт. Перформансот е планирано да се одржи оваа среда, на 2 јули, во 21 часот на Ликовната академија во скопски Сули ан, а е дел од програмата на актуелната културна манифестација Скопско лето 2014. Ќе бидат изведени композиции од легендарните Квинси Џоунс, Семи Нестико, Чик Кореа, Тед Џоунс и други автори, а од оркестарот најавуваат дека ова е само почеток на засилената активност која треба да ги врати на патеката на некогашната регионална слава.

Целта на овој концерт е да се претстави враќањето на оркестарот на музичката сцена во Македонија и пошироко во регионот – ќе забележи Љупчо Мирковски во пресрет на солистичкиот концерт на Биг бендот на Македонската радио-телевизија во Сули ан, на актуелната културна манифестација Скопско лето. Диригентот вели дека тој лично особено му се радува на овој настап на ансамблот кој доаѓа по пауза од дури цели 14 години и кој е практично и првиот негов концерт на една голема летна културна манифестација што се одржува во земјава.

Биг бендот на МРТ никогаш досега не настапил на Скопско лето. Ова е првпат тоа да се случува и се надевам дека од овој концерт натаму ќе се освестат и другите сродни летни културни манифестации дека постои еден оркестар во Македонија кој се вика БИГ БЕНД на МРТ, кој перфектно си ја работи својата работа.
Љупчо Мирковски, диригент на Биг бендот на МРТ.

„Биг бендот на МРТ никогаш досега не настапил на Скопско лето. Ова е првпат тоа да се случува и се надевам дека од овој концерт натаму ќе се освестат и другите сродни летни културни манифестации дека постои еден оркестар во Македонија кој се вика БИГ БЕНД на МРТ, кој перфектно си ја работи својата работа и кој во меѓувреме е освежен со нови квалитетни инструменталисти, но и со нов репертоар што може да ја заинтересира публиката“, вели тој.

Дамир Имери и Љупчо Мирковски, музичари.

Ќе се обидеме да им се приближиме и на помладите луѓе кои, како што гледаме, многу сакаат да одат на свирки кога се работи за мали состави, па така, ако веќе имаме ваков професионален оркестар зошто да не дојдат да нè слушаат и нас.
Љупчо Мирковски, диригент на Биг бендот на МРТ.

Мирковски, кој како поранешен трубач во оркестарот и плоден автор на инструментална популарна и џез музика со Биг бендот раководи од 2013 година, потенцира дека негова цел е со популарна програма да биде освоен поширокиот слушателски аудиториум. Вели дека за малку ќе подзаборават на досегашниот „етно-џез“ репертоар и дека ќе настојуваат да ја најдат врската со обичниот слушател нудејќи му музика која барем за момент ќе го опушти и ќе го расположи, ќе го натера да го стори неговото бегство од секојдневните стресови и забрзаното темпо на живеење.

„Ќе се обидеме да им се приближиме и на помладите луѓе кои, како што гледаме, многу сакаат да одат на свирки кога се работи за мали состави, па така, ако веќе имаме ваков професионален оркестар зошто да не дојдат да нè слушаат и нас“, вели Мирковски.

Инаку, идејата за постоењето на Биг бендот на МРТ, впрочем како и на другите оркестри како Народниот оркестар, Чалгиите, Оркестарот на народни инструменти, е да ги поттикне македонските автори да пишуваат дела кои што потем би се нашле на нивниот репертоар. Од таму, не чуди кога неговиот раководител знае да каже дека ова што тие сега го имаат како своја програмата се должи и на недостатокот на композиции од домашните творци.

„Посакувам овој наш концерт да ги поттикне сите домашни автори да се зафатат со пишување на дела за Биг бендот на МРТ затоа што тоа ќе биде нашата цел. Значи, со наша домашна музика да се претставиме во еден модерен стил и да можеме сите автори да ги стимулираме да креираат вакви оркестарски творби. Се надевам дека ќе го вратиме сјајот на македонската музика, на македонските автори и на македонските музичари кои ги има во голем број во оркестарот и кои се одлични музичари, а кои досега немале каде да ја истакнат сопствената изведувачка виртуозност. Впрочем, ние во меѓувреме имаме добиено неколку покани за настапи на џез фестивалите во регионот, па со мала помош на матичната куќа и ресорното министерство, се надевам дека ќе ја добиеме можноста да покажеме дека сме на правилен пат да појдеме чекор повеќе во однос на она што го нарекуваме некогашна славна патека“, вели Мирковски.

Кон ова уште неколку значајни информации. Биг бендот на МРТ е формиран во 1961 година. Негов прв диригент е македонската музичка легенда Драган Ѓаконовски-Шпато. Диригентската палка од него ја наследува Александар Џамбазов, а по неговото заминување во пензија со оркестарот раководат Илија Пејовски и Кире Костов.

До 2002 година, до кога дејствува во континуитет, оркестарот претставува вистински стожер на македонска забавна и џез музика. Ги придружува речиси сите наши легендарни пејачи како Нина Спирова, Сашка Петковска, Драган Мијалковски и ги реализира сите изданија на Скопскиот фестивал. Напоредно со таа дејност Биг-бендот на МРТ исполнува и снима оркестарска џез литература. Особено значајна е неговата улога во афирмирањето на творештвото на македонските џез композитори, за кои оркестарот несомнено претставуваше и најголем мотив за создавање.

Настапите на фестивалот на Биг бенд оркестри во Раденци, Словенија, секогаш предизвикувале почит и внимание кај публиката и кај музичарите од другите оркестри. Токму на овој фестивал Биг бендот на МРТ го освои најголемото професионално признание кога, во конкуренција на сите оркестри во некогашна Југославија, во 1989 година беше прогласен за најдобар.

По неколкугодишниот прекин на својата значајна и плодотворна уметничка дејност, Биг бендот на МРТ, во 2012 година беше обновен, а во предвечерието на овој концерт на Скопско лето ги забавуваше граѓаните на манифестацијата што како организатор ја потпиша трговскиот центар Скопје сити мол.