Меѓународна мултимедијална колонија „Битола 2014“

Со промоции на книги, перформанси и изложби, од 1 до 3 јули, во рамките на БИТФЕСТ и во организација на Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија Презент од Скопје, ќе биде одржана Мултимедијална колонија „Битола 2014“, на која учество ќе земат бројни писатели и уметници од земјава и од странство.

Меѓународната мултимедијална колонија „Битола“ е прва и единствена колонија од овој вид кај нас. Таа ги спојува, обединува и синтетизира сродните уметности како книжевноста, сликарството, театарот, филмот, музиката, уметничката фотографија, стрипот и слично. Сите нејзини учесници, во текот на трите дена, ќе создаваат дела на теми од градот Битола, но и на слободни теми по избор на самите автори.

Тоа всушност ќе биде исечок од еден голем голем фонд на фотографии со коишто располагам од оваа планина, а коишто досега во повеќе градови во земјава и во странство се пласирани на околу педесетина изложби.
Петар Ставрев, фотограф.

Целта е да се овековечи денешна Битола, која е неразделно поврзана со минатото, традициите, со својата оригинална и специфична архитектура, со обичаите и сето она што го чини урбаниот живот на градот на конзулите.

Големо Езеро, Пелистер.

Ќе се надоврзам и на последниот мој драмски текст „Сите наши кодоши“ во кој лесно може да се види спојот на уметничкото со документаристиката, како еден нов ток во современата македонска драматургија.
Зоран Пејковски, писател.

Од таму, почетокот на второто издание на Меѓународната мултимедијална колонија „Битола“ ќе биде во знакот на пишаниот збор. Најнапред, по чинот на свечено отворање на манифестацијата, утре во 20 часот, е планирано да се случи промоцијата на книгата „Под кожа“ на писателката и сликарка Даниела Божичковиќ Радуловиќ од Петровац на Млава во соседна Србија. Потем ќе биде одржана и Вечерта на љубовна поезија на која свои стихови ќе говорат поети од Битола, Прилеп, Ресен, Струга и од Скопје.

Зоран Пејковски.

Случувањата ќе продолжат наредниот ден напладне за кога е закажано, пак, отворањето на фото-изложбата „Мотиви од Пелистер“ на Петар Ставрев, долгогодишен дописник на „Вечер“ и други македонски медиуми.

Тој, во пресрет на постановката, вели дека ќе бидат изложени десетици фотографии снимени во сите годишни времиња на пределите од Националниот парк Пелистер.

„Тоа всушност ќе биде исечок од еден голем голем фонд на фотографии со коишто располагам од оваа планина, а коишто досега во повеќе градови во земјава и во странство се пласирани на околу педесетина изложби. Опфатени се моменти од зимски период, од движење на планинари, од флората и фауната и сè она за што Националниот парк Пелистер, прв од поранешна Југославија е прогласен за национален парк“, вели Ставрев.

Отворање на изложба ќе има и во четврток на 3 јули, во 10 часот, токму на последниот ден од манифестацијата. Имено, тогаш ќе бидат претставени новосоздадените дела од оваа Меѓународна мултимедијална колонија на која, меѓу другите, учество ќе земат и Илина Арсова, Наталија Пулејкова Радеска, Дороти Пацкова, Мирјана Стојановска, Златко Жоглев, Панде Манојлов, Сливана Петрова Насух, Петре Шипинкаровски, Филип Димкоски и други.

Конечно, завесата на ова втора Мултимедијална колонија ќе биде спуштена со промоцијата на книгите „Театарот како имагинарен остров“ од Христо Петрески и „Театарот е фабрика на соништа“ од Зоран Пејковски. По претставувањето авторите ќе говорат и на трибината на тема „Македонскиот современ театарски миг“.

Пејковски забележува дека на оваа трибина, на презентацијата за современиот миг на Македонскиот театар, тој ќе се обиде да ги акцентира не само новите моменти, туку и веќе познатите коишто „се користат во добивањето на екстрактот од убавото и видливото“.

„Ќе се надоврзам и на последниот мој драмски текст „Сите наши кодоши“ во кој лесно може да се види спојот на уметничкото со документаристиката, како еден нов ток во современата македонска драматургија“, вели тој.

На Меѓународната мултимедијална колонија „Битола 2014“, која во рамките на БИТФЕСТ се одвива во организација на Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија Презент и под покровителство на локалната самоуправа и градоначалникот Владимир Талески, и овојпат ќе бидат врачени наградите Медијала за книжевност, за сликарство и за сценски настап.