Пронајдено античко градско собрание во Стибера

На античкиот локалитет Стибера кај Прилеп е пронајдено е градско собрание на античкиот град Стибера и на регионот Девриоп во време на владеење на Римската империја на овие простори во 1 и 2 век од наша ера.

Градско собрание, монументален објект со штукатура, луксузна техника на украсување ѕидови е пронајден на археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп, којшто го носи името по античкиот град којшто функционирал на површина од околу 50 хектари во периодот од 4 и 3 век пред наша, до 3 и 4 век од нашата ера.

Ако е овој објект што го откриваме градско собрание, ова е за прв пат откривање на таков вид на градба во Македонија, во рамки на антички градови, ниту на Хераклеа, ниту на Стоби, не се откриени градските собранија.
Душко Темелкоски, археолог.

Според површината на градбата што е откриена, како што истакнува вишиот кустос археолог, Душко Темелкоски, веројатно станува збор за градско собрание на античкиот град Стибера и на регионот Девриоп во време на владеење на Римската империја на овие простори во 1 и 2 век од наша ера. Откриен е и епиграфски камен блок на кој пишува дека тоа градско собрание на градот Стибера, доделува почест на некој виден граѓанин од овој антички град.

Стибера.

„Ако е овој објект што го откриваме градско собрание, ова е за прв пат откривање на таков вид на градба во Македонија, во рамки на антички градови, ниту на Хераклеа, ниту на Стоби, не се откриени градските собранија“, изјави вишиот кустос Темелкоски, којшто е раководител на проектот.

Се надеваме дека следната година ќе добиеме средства за да продолжат истражувањата, да се открие градбата, зашто досега е откриен само еден ѕид и мермерна декорација.
Гордана Спироска Данилоска, директорка на прилепскиот Завод и Музеј.

Изминативе 30-ина дена интензивна истражувачка работа на овој локалитет се откриени: жртвеник, металуршка работилница и светилиште на египетскиот бог Хорус. А, изминативе години, пак откриен е гимназион, храм на заштитничката на градот, божицата Тихе, околу 20 бисти и статуи од мермер, како доказ дека Стибера бил центар каде се произведувале предмети од мермерна пластика.

„По конзервацијата како што имаме долу во секторот гимназион, треба истото да се одржува. Се надеваме во иднина дека и државата и ние ќе изготвиме програма тоа да биде на повисоко ниво, бидејќи се работи за терен каде што има бујна вегетација, ќе треба редовно да се одржува тоа“, вели архитектот, Кире Јованоски, советник конзерватор во прилепскиот музеј.

По две години пауза, овој проект повторно е ставен во редот на капитални објекти. Одобрени се вкупно 700 илјади денари, а истражувањата ќе завршат за 10-ина дена.

Според директорката на прилепскиот Завод и Музеј, се негуваат надежи дека в година ќе се добијат средства за овој капитален проект, со цел да се дооткријат истражувањата во насока на пронаоѓање на целиот објект.

„Се надеваме дека следната година ќе добиеме средства за да продолжат истражувањата, да се открие градбата, зашто досега е откриен само еден ѕид и мермерна декорација“, вели директорката Гордана Спироска Данилоска.