Тетово летово без сообраќаен метеж?

Портпаролот на СВР Тетово вели дека полицијата превентивно ќе се обиде да спречи поголеми проблеми во одвивањето на сообраќајот. Од јуни започнуваат да пристигнуваат печалбарите, а раздвиженоста ќе ја зголемат и туристите на планинскиот центар Попова Шапка.
Летните месеци за Тетово, како град во провинција и делумно како туристички центар, се време кога ќе се зголеми фреквенцијата на луѓе и возила, а со тоа и метежот. Од јуни започнуваат да пристигнуваат печалбарите на одмор во родниот крај, а раздвиженоста ќе ја зголемат и туристите и посетители на планинскиот центар Попова Шапка и слични излетнички места и одморалишта.
Во овој период се работи активно на санирање на дупките по најфреквентните и споредните улици. Комуналните редари им помагаат на граѓаните за одржување на редот во сообраќајот, затоа како што знаеме имаме голема френквентност.
Љуме Хусеини, портпаролка на Општина Тетово.


Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, вели дека полицијата превентивно ќе се обиде да спречи поголеми проблеми во одвивањето на сообраќајот.

„Кон средината на идниот месец, Секторот за внатрешни работи Тетово ќе започне со практична имплементација на планираните подготовки за претстојната летна туристичка сезона. Веќе е изготвен посебен план со мерки и активности кои ќе се реализираат во текот на јуни, јули и август, а преку засилено присуство на полициските службеници на патиштата и улиците во Тетово и тетовско. Надвор од населените места, според предвиденото во планот, ќе се контролира брзината со која се движат возилата и престигнувањето, а во градот посебно внимание ќе му биде посветено на паркирањето. Ова, дотолку повеќе што во летниот период се очекува доаѓање на голем број времено вработени во странство и со самото тоа, значително поголема сообраќајна фреквенција“, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Општина Тетово не успеа да го спроведе продолжување на булеварот Благоја Тоска, што беше најавено од властите како капитална инвестиција и потег во насока на намалување на сообраќајот во центарот на градот. Раководителот на секторот за сообраќај Хусеин Демири најавува дека токму летово можно е таму да се работи.

„Се работи на дополнување на елаборатот, да бидеме комплетирани со документација, се надеваме дека летово ќе имаме градежни работи.“

Портпаролката на општината Љуме Хусеини смета дека со други мерки и во соработка со останатите институции ќе се придонесе за нормален сообраќаен ритам во градот.

„Во овој период се работи активно на санирање на дупките по најфреквентните и споредните улици. Комуналните редари им помагаат на граѓаните за одржување на редот во сообраќајот, затоа како што знаеме имаме голема френквентност. Паркинзите им стојат на располагање на граѓаните, а со непочитување на правилата на сообраќај и соодветно паркирање се бави сообраќајната полиција, како и пајакот кој ги отстранува возила кои се неправилно оставени во градските улици.

Во Тетово изминатите години во насока на подобрување на сообраќајот беа изградени кружни текови, а не успеа обидот да се воспостави зонско паркирање.