Дождот добар за пченицата, лош за пченката

Врнежите се добредојдени за есенските посевни, но не и за пролетната сеидба која поради влажните површини со денови се одлага.
Дождовите донесоа радост, но и загриженост кај пелагониските земјоделци. Врнежите се добредојдени за есенските посевни, но не и за пролетната сеидба која поради влажните површини со денови се одлага.
Очекуваме богата жетва на пченица. Мислам дека ќе биде една од ретко богатите жетви во Пелагониско. Сега останува да запрат дождовите и земјоделците што поскоро да бидат присутни на полињата со пченица, јачмен и други култури.
Вељо Тантаров, Сојуз на земјоделци.


Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци вели дека врнежите во последен момент ги спасија житните култури посеани во есента од големи оштетувања поради сушното време во текот на есенскиот и зимскиот период. Но, сега влагата донесе страв од појава на штетници.

„Очекуваме богата жетва на пченица. Мислам дека ќе биде една од ретко богатите жетви во Пелагониско. Сега останува да запрат дождовите и земјоделците што поскоро да бидат присутни на полињата со пченица, јачмен и други култури. Велам ќе биде богата жетвата таму каде што пред дождовите беше извршена и заштита од болести на пченицата, што кај нас таа мерка до сега не се применуваше“, изјави Тантаров.

Дождовите го одложија и почетокот на пролетната сеидба, со што трпи најмногу производството на пченка.

„Пролетната сеидба долго време е прекината. Нема сеидба ни на пченка, ни на други култури. Најголема е загриженоста кај оние земјоделци кои произведуваат пченка за потребите на своите фарми и за пазарот зашто во овој дел на Пелагонија на прсти се знаат луѓето кои посеале. Според експертите, пченката ќе може да се сее до крајот на мај, но тешко ќе биде со зреењето и прибирањето“, додава Тантаров.

Македонија според анализата на Светската банка е меѓу најзагрозените земји од последиците на глобалното затоплување. Од Министерството за земјоделство велат дека меѓу трите најризични региони е и најголемата житница во земјава, Пелагонија. Една од културите најмногу подлежни на последиците од глобалното затоплување е лебното зрно, односно пченицата.