СДСМ со пријава против Груевски

СДСМ поднесува кривична пријава против Никола Груевски во врска со случајот Македонска банка. Од партијата обвинуваат и за нова афера со примање кеш. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија тужба за клевета против лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
СДСМ поднесува кривична пријава против Никола Груевски во врска со случајот Македонска банка за противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок. Со неа како доказен материјал е доставена и аудио снимката. Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а претседателот на СДСМ Зорaн Заев рече дека од обвинителството очекува ефективна истрага.
Јас очекувам како вистинско јавно обвинителство во секоја нормална земја, така и кај нас, до изборите да се потврди овој криминал.
Зоран Заев, СДСМ.


„Никола Груевски затаил данок. Само ова дело, според Кривичниот закон на Република Македонија, се санкционира со казна затвор од минимум 4 години“, рече на прес конференцијата Заев. Тој дополни дека Обвинителството има можност, ако смета за потребно, да спроведе експертиза за веродостојноста на аудио снимката.


„Јас очекувам како вистинско јавно обвинителство во секоја нормална земја, така и кај нас, до изборите да се потврди овој криминал, заради тоа што за многу поситни, поминорни криминали , денеска граѓани се во затвори или во притвор, напоменувам Никола Груевски и тоа како може да влијае на сведоците, Никола Груевски може да го повтори делото, на позиција е. Мора веднаш да се реагира“, вели Заев.
За обвинувањата и клеветите изнесени од страна на Зоран Заев веќе е најавена тужба за клевета.
Гордана Јанкулоска, ВМРО-ДПМНЕ.

Тој денеска обвини и за постоење нови докази за примен кеш откако Груевски станал премиер. На нив го има црвениот партиски печат на ВМРО-ДПМНЕ и потпис на овластеното лице, најверојатно тогашниот секретар на партијата. Станува збор за потврди за примени пари во кеш, како донација, во 2006-та година, од 30.000 евра и 50.000 евра, или вкупно 80.000 евра. Како донатор се јавува лицето Тумбовски Загорец. Во моментот на уплатата на донацијата во кеш Груевски, покрај претседател на ВМРО-ДПМНЕ е и премиер на Македонија, веќе 4 месеци,рече Заев.

„Никола Груевски, ќе и објасниш ли на целата македонска јавност за ова ново кривично дело и за оваа нова злоупотреба?“, праша Заев.

Како и да е, лидерот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев ќе треба да ја докажува автентичноста на презентираните аудио снимки за кои тврди дека откриваат криминал поврзан со продажбата на „Македонска банка“ во кој наводно е инволвиран и премиерот Никола Груевски. Ова претходно го најави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„За обвинувањата и клеветите изнесени од страна на Зоран Заев веќе е најавена тужба за клевета, така што Зоран Заев најверојатно и сосема извесно ќе добие можност да ја докажува автентичноста на снимката во постапка во која тој ќе биде тужен за клевета.“

Минатата недела државниот обвинител Марко Зврлески изјави дека се уште не е запознаен со случајот со објавените аудио-снимки и најави став по Велигденските празници.