Значително водство на Иванов, има ли шанса за Пендаровски?

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот претседател Ѓорге Иванов, оствари значително водство во првиот круг и тоа може различно да се одрази кај опозицијата и кај неопределените гласачи.
Резултатите од првиот круг покажаа значително водство на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и тоа значително водство може различно да се одрази во редовите кај опозицијата и кај неопределените гласачи, велат експертите. Според Здравко Савески, сега зависи како ќе реагира на резултатите опозицијата и дали ќе ги фати обесхрабрување или ќе ги поправат грешките и ќе се организираат подобро.
Ова значително водство веројатно ќе се одрази на ширење на дефетистички дух во редовите на опозицијата и кај неопределените граѓани. Стево Пендаровски можеби има шанса да победи, под претпоставка дека ќе го надминат тој дефетистички дух.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Ова значително водство веројатно ќе се одрази на ширење на дефетистички дух во редовите на опозицијата и кај неопределените граѓани. Стево Пендаровски можеби има шанса да победи, под претпоставка дека ќе го надминат тој дефетистички дух“, вели Савески.


Постојат неколку работи од кои зависи резултатот на изборите во вториот круг и од кои зависи дали разликата од 120 илјади гласови предност на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ може да се надмине, посочува Савески.

„Првата варијабла е како ќе гласаат оние 30 илјади гласачи кои гласаа за Зоран Поповски. Втората варијабла е како ќе гласаат приврзаниците на ДУИ, трета варијабла се гласовите на оние граѓани кои живеат во Скопје, а гласаат во другите градови, а кои веројатно во голема мера не излегоа во првиот круг“, вели Савески.
Мислам дека сега сè е работа и на политички преговори. Албанските политички партии докажаа дека се релевантни кога се преговара за албанските гласови, особено кога се работи за претседателските избори.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Според изјавата од кандидатот на СДСМ за претседател и на лидерот на опозицијата, Пендаровски и Заев, може да се види дека добиените резултати ќе ѝ бидат уште еден поттик на опозицијата за уште подобро да сработат, но треба да се види наредните денови како тоа ќе се реализира, вели Алберт Муслиу.

„За владејачката коалиција секако вчера беше охрабрувачки ден. Моралниот, емотивниот момент го доби владејачката партија. Сега зависи како на тоа ќе реагира опозицијата“, вели Муслиу.

Во меѓувреме, голем скриен фактор на овие избори е негласањето на ДУИ и овие резултати во првиот круг може да залажуваат за вистинското расположение, вели Савевски. Важна работа е како ќе гласаат Албанците во вториот круг. Сите опции се отворени, вели Савески. Меѓутоа, Алберт Муслиу не верува дека албанските политички партии ќе направат радикална промена во ставовите.

„ДУИ верувам дека ќе продолжи со кампањата за консензуален претседател. Мислам дека сега сè е работа и на политички преговори. Албанските политички партии докажаа дека се релевантни кога се преговара за албанските гласови, особено кога се работи за претседателските избори“, вели Муслиу.

Според него, останува да се види како ќе реагира опозициската ДПА, но тоа нема да има влијание врз парламентарните избори.