Диктатура во или на демократијата

Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за 62 пратеници и тоа на ДУИ за 25, наместо да ја развијат демократијата во земјата би биле опасни по неа.
ВМРО-ДПМНЕ побара поддршка од сите граѓани на престојните парламентарни избори да освои 62 пратеника, за, како што порача нивниот лидер Никола Груевски, да не трпат уцени. Според него, тие веќе еднаш имале 63 пратеника и не направиле никаква грешка или штета, туку проектите подобро се реализирале.
До сега имавме само дефакто блага диктатура, а ако се остварат желбите на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на доминантниот број на пратеници, ќе имаме и дејуре блага диктатура.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.


ДУИ пак посака да освои 25 пратеника за да има посилно влијание во Владата и напредок во евроатланските интеграции. Но колку нивните желби наместо да ја развијат демократијата во земјата би биле опасни по неа. Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека одамна во земјава не владее демократијата, туку само се глуми.


„До сега имавме само дефакто блага диктатура, а ако се остварат желбите на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на доминантниот број на пратеници, 62 пратеника во Собранието, ќе имаме и дејуре блага диктатура.“
Ако се остварат таквите барања тоа ќе биде почеток на рушење на Македонија.
Алјдин Демири, универзитетски професор.


Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека барањата на двете партии се чисти маркетиншки трик и не се реални.


„Тие служат за подигнување на бројот на електоратот, бидејќи ако се остварат таквите барања тоа ќе биде почеток на рушење на Македонија, затоа што ниту Груевски, ниту Ахмети не можат ништо такво да остварат. Не можат Албанците да се истераат од владата.“

Според Стојадиновиќ, нема да биде поволно за ВМРО ДПМНЕ да освои толкав број на пратеници.

„Би направила една споредба со ненормалниот, невиден, недемократски успех на Српската напредна странка на последните избори во Србија, затоа што колку повеќе една партија има поголема власт во своите раце, толку има и поголема одговорност, така што било каков погрешен чекот да направи ВМРО-ДПМНЕ, ако се остварат нивните желби, нивната одговорност за секој следен погрешен чекор, а ќе ги има многу, ќе падне исклучиво врз нивниот грб и не ќе немаат право, ниту основа да обвинуваат некој друг.“

Стојадиновиќ додава дека истото важи и за ДУИ, затоа што албанското гласачко тело може да биде многу посурово во казнување на своите партии.