Избори се ближат, ветувања се нижат - Сè за младите!

Адмир Фазлагиќ, апсолвент на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје, работи како новинар-водител во Македонско радио,Трет програмски сервис, програма на босански јазик. Соработник е на неколку балкански новински агенции.

Со посериозен пристап, односот на политичките актери кон нас младите ќе биде сменет. Тогаш, тие нема нас да не сметаат само за партиски послушен кадар, туку за креатори на нашата иднина, пишува во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа, Адмир Фазлагиќ, студент и новинар.
Од ден во ден како што се приближуваат изборите, така и политичарите се приближуваат до граѓаните. Секој ден, преку средствата за јавно информирање, можеме да видиме како претседателските кандидати тргнаа во походот - одржуваат неформални граѓански средби, ги посетуваат граѓаните, разговараат со нив, ветуваат посветла и подобра иднина и ја бараат поддршката од народот.
Според повеќето млади луѓе, особено, оние со завршено високо образование, излезот од тешката економска состојба го гледаат во заминување на работа во некоја од западноевропските држави.


Предизборното мени е богато и шарено, се нудат многу нешта. Кој што сака и како за кого. Од асфалтирање на патишта, градење на улици, локална инфраструктура, вработување, подобро здравство, образование, услови за земјоделството, бизнисот, до големи капитални проекти во кои главната улога и последниот збор го имаме ние младите.

Атмосферата се вжештува и на социјалните мрежи. Ни таму состојбата не е ништо поразлична од печатените и електронските медиуми. Битката за победа се води на фејсбук и твитер. Важен е секој еден лајк, во политичкото сметководство пресметан како потенцијален глас. И тука целна група, пак младите. Но, каква е реалната состојба со младите во државава?

Над 400 илјади граѓани се иселиле од Македонија, односно 21,9 проценти од вкупното македонско население, вели официјалната статистика на Светската банка.

Според повеќето млади луѓе, особено, оние со завршено високо образование, излезот од тешката економска состојба го гледаат во заминување на работа во некоја од западноевропските држави. Причината за ваквата одлука е повеќе од јасна - работа се наоѓа побрзо и се заработува многу повеќе отколку тука. Сепак, дали решението е да се напушти земјава во која сме родени, имаме семејство и роднини, сме живееле со години, сме создавале и допринесувале, имаме изградено круг на пријатели или сепак, по секоја цена треба да се замине таму некаде, да се работи било што, да се заработи повеќе и да се биде задоволен од ваквиот начин на живот? Треба ли ова за нас да претставува причина за трајно иселување или аларм за освестување и будење?
Имам чувство, како да сме фатени во расчекор помеѓу нашата реалност и визијата за самите нас, па затоа, не случајно, се повеќе стануваме гласачка машинерија отколку авангарда. А и на нас ни е полесно така.
Секако дека ќе се согласам со голем број од моите колеги и пријатели. Не е лесно да се живее од денес за утре, но и ние младите треба да покажеме поголема иницијатива и решителност за промена на нештата во државава. Чинам дека се повеќе го губиме епитетот кој го носат младите - генератори и реформатори на општеството, а тоа е така поради нашиот однос кон самите нас.

Полесно ни е вината да ја префлиме на состојбата во која се наоѓа нашата држава, да кажеме дека нема работа, а и тоа што го работиме се плаќа малку, студираме, во голем број, не од желба за успех и просперитет, туку од здодевност и немање на идеја што со себе.

Имам чувство, како да сме фатени во расчекор помеѓу нашата реалност и визијата за самите нас, па затоа, не случајно, се повеќе стануваме гласачка машинерија отколку авангарда. А и на нас ни е полесно така. Наместо да се бориме за знаење, кое и не толку се вреднува, ако се земат во предвид останатите „критериуми“ за валоризација на личноста како што се партиската припадност, членската книшка, партиската лојалност која ја докажуваме со кревањето на двата прста кои срамежливо ѕиркаат од нашите џебови, едвај чекајќи да бидат употребени и да ја аминуваат секоја одлука на нашиот политички лидер за да ја докажеме нашата послушност, притоа без да се запрашаме колку е таа добра, какви ефекти има и постои ли подобра опција?

Очигледно, свесни сме дека секоја власт сака послушни, а не паметни студенти.

Сепак, ние мора да го смениме односот кон самите нас, за да и сите останати го сменат ставот кон нас. За да бидеме гледани низ посериозна призма, без разлика колку тоа ни се гледа непопуларно и политички неатрактивно, мораме да настојуваме да ја покажеме нашата иницијатива, нашата одлучност за општествен прогрес, да иницираме промени, да создаваме идеи и да имаме визија за иднината.
Со ваков, посериозен пристап, односот на политичките актери кон нас младите ќе биде сменет. Тогаш, тие нема нас да не сметаат само за партиски послушен кадар, туку за креатори на нашата иднина.
„Ќути може и полошо да не снајде, не смее да биде нашата иницијална каписла“, нејзе треба да ја смениме со девизата која вели дека секогаш може повеќе и секогаш може подобро. Со ваков, посериозен пристап, односот на политичките актери кон нас младите ќе биде сменет. Тогаш, тие нема нас да не сметаат само за партиски послушен кадар, туку за креатори на нашата иднина. Студентските домови, како и општите услови за студирање нема да бидат запоставени, туку подобрени, со оглед дека успехот на студентите е детерминиран од условите во кои студираат.

Затоа, пред било што да смениме, мораме да се смениме себе си. Мораме да настојуваме да размислуваме со отворен ум, нашите идеали не смеат да се сведуваат на организирање студентски забави во Театро каде после две испиени пијачки се ќе ни биде рамно и за ништо нема да береме гајле. Нашите аспирации не смеат да бидат добивање на парче хартија наречено диплома кое настојуваме да го добиеме по секоја цена. Нашиот најсилен адут мора да биде знаењето.

Кога ова ќе го разбереме, ќе бидеме повеќе почитувани, влијателни и поинтересни.

Тогаш политичарите ќе не почитуваат и во своите одлуки ќе ги инсталираат и нашите интереси, нема да се сеќаваат на нас само за време на изборите и по потреба сходна на нивните партиски интереси, туку со голема доза на респект и претпазливост ќе се однесуваат кон нас, бидејќи постојат младите, авангардните - кои се критичка маса, тие коишто ја имаат корективната улога во општеството, оние што ја имаат сликата за иднината.