Охриѓани бараат нов пат до Свети Наум

На триесеткилометарската делница од Охрид до Свети Наум во шпицот на летната сезона се создаваат колони од по неколку километри, а дополнителен проблем е што Охрид преку него се поврзува и со соседна Албанија.
Наместо крпење на многуте дупки и делумни санации, охриѓани бараат државата да го реализира ветувањето за изградба на нов пат од Охрид до Свети Наум кој е еден од најфреквентните во текот на туристичката сезона. Охриѓани за него велат дека тој за нив значи живот и бараат најавите да не останат само на хартија.
Месното население го очекува отпочнувањето на изградбата на патот до Свети Наум, затоа што ќе се подобри комуникацијата со граничниот премин со Албанија, ќе се растовари сообраќајот кој е фреквентен, а ќе се подобри и безбедноста.
Никола Тренески, претседател на месната заедница на населбата Коњско.

На триесеткилометарската делница во шпицот на летната сезона се создаваат колони и по неколку километри, а дополнителен проблем е што Охрид преку него се поврзува и со соседна Албанија.

Претседателот на месната заедница на населбата Коњско, Никола Тренески, вели дека на овој начин ќе се подобри и безбедноста во сообраќајот.

„Месното население го очекува отпочнувањето на изградбата на патот до Свети Наум, затоа што ќе се подобри комуникацијата со граничниот премин со Албанија, ќе се растовари сообраќајот кој е фреквентен, а ќе се подобри и безбедноста на населението и туристите. Очекуваме отпочнување со реализација на овој проект, со што ќе влеземе во тие светски трендови како што е во другите земји“, вели Тренески.
Очекуваме до јуни да бидеме готови со проектот. Потоа ќе следи фаза на ревизија и добивање на позитивно мислење.
Љупчо Ѓорѓиевски, директор на Агенцијата за државни патишта.

Жителите од туристичките населби кои гравитираат околу овој патен правец од локалните власти и директорот на Агенцијата за државни патишта побараа уредување на влезовите во овие населби како и осветлување на дел од патниот правец и поставување на пешачки патеки покрај главниот пат.

Градоначалникот Никола Бакрачески рече дека за општината е од големо значење решавање на ова прашање.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Ѓорѓиевски, при посетата на Охрид пред неколку дена, најави дека изградбата на првата делница од Охрид до Пештани би требало да почне да се реализира до крајот на оваа или почетокот на наредната година и оти е во тек изработка на проектот и за изградба на делницата од Пештани до границата со Албанија.

„Се планира проектирање на пат со широчина од 12 метри со по две коловозни ленти од двете страни. Владата прави финансиска конструкција да почне со реализација до крајот на оваа година или почетокот на наредната година. Претходно треба да бидат завршени имотно правните односи. Се работи комплетно за нова траса која малку задира и во НП Галичица. Очекуваме до јуни да бидеме готови со проектот. Потоа ќе следи фаза на ревизија и добивање на позитивно мислење“, рече Ѓорѓиевски.

Пратеникот Александар Николоски неодамна најави дека во тек биле разговори и со Банката за развој на Советот на Европа за финансирање на изградбата овој патен правец.