Потребна е заштита на пријавувачите на корупција

Законот за заштита на пријавувачите на корупција ќе придонесе граѓаните да се охрабрат и да придонесат кон осветлување на ваквите практики, велат во Транспаренси Интернејшнал.
Потребен е закон за заштита на пријавувачите на корупција со цел граѓаните да се охрабрат и да придонесат кон осветлување на ваквите практики, кои треба да бидат забележани и документирани за во иднина да бидат елиминирани, бара Транспаренси Интернејшнал.
Тој закон треба да обезбеди механизми за заштита на граѓаните коишто ќе се охрабрат да пријават корупција, тие механизми мора да бидат ефикасни и ефективни.
Слаѓана Тасева, Транспаренси Интернејшнал Македонија.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернејшнал Македонија вели дека законот треба да почне да се применува веднаш по донесувањето, а не по две години како што планира владата. Според неа, законот ќе обезбеди механизми за заштита на оние граѓани кои ќе пријават корупција.

Заштита на „свиркачите“ од реваншизам, заштита на пријавување од злоупотреби од страна на „свиркачите“ и што е најважно, според мене, подигнување на јавната свест и поддршка на целиот тој концепт на пријавување.
Ана Јаневска Делева, Транспарентност Македонија.
„Тој закон треба да обезбеди механизми за заштита на граѓаните коишто ќе се охрабрат да пријават корупција, тие механизми мора да бидат ефикасни и ефективни. Точно е дека ние имаме проблем со имплементирање на законите, но мислам дека тој проблем е веќе согледан од страна на сите меѓународни организации и сите ни укажуваат на тоа, да, вие имате добри закони, но тие закони не ги имплементирате и токму затоа имаме ваква состојба со корупцијата“, вели Тасева.

Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија вели дека најпрвин е потребна јавна поддршка за пријавувачите за тие да не се доведуваат во негативна конотација, односно да не се поистоветуваат со кодоши. Според неа, потребна е и јасна дефиниција на пријавување.

„Заштита на „свиркачите“ од реваншизам, заштита на пријавување од злоупотреби од страна на „свиркачите“ и што е најважно, според мене, подигнување на јавната свест и поддршка на целиот тој концепт на пријавување. Од голема важност е овие членови да се вметнат во законот за спречување на корупција и со тоа да се поткрепи, да се зајакне борбата со корупција во Република Македонија“, вели Јаневска Делева.

Според Тасева, доколку граѓаните бидат заштитени со закон ќе се дознае со какви проблеми се соочуваат и каде најмногу се случува корупцијата, при што ќе може да се реагира и да бидат казнети причинителите.

„Индиректните или посредните активности кои се случуваат околу коруптивните зделки, најчесто можат да ги видат голем број на луѓе, а исто така постојат и граѓани кои што секојдневно се жртви на корупција. Таквите состојби, доколку би биле познати, доколку навистина знаеме со какви проблеми се соочуваат граѓаните и каде навистина најмногу се случува корупцијата, ќе можеме и да реагираме, ќе бидат казнети оние кои се корумпирани“, вели таа.

Министерството за правда требаше предлог законот да го изготви до 1 декември. Во последниот извештај на Транспаренси Интернејшнал, Македонија се најде на 69 место од 149 според Индексот на перцепција на корупцијата.