Достапни линкови

Од каде е имотот на битолскиот градоначалник?


Од каде се збогатил градоначалникот Талески, прашува битолската опозиција. Талески одговора дека го злоуотребуваат неговиот имотен лист поради политички поени.

Стан од 46 метри квадратни, накит од 360 илјади денари, платежна картичка од приближно 3 милиони денари, како и картичка на сопругата од 764 илјади денари. Ова се измените во имотната состојба кои битолскиот градоначалник Владимир Талески ги пријавил со новиот анкетен лист до Државната комисија за спречување корупција. На листот објавен на интернет страницата на комисијата се наведени уште два други стана со површина од 70 и 52 метри квадратни и возило „рено лагуна“ кои беа пријавени и во анкетниот лист од 2009 година.
Вие месечно сте заштедиле по 125 илјади денари.
Васко Ковачевски, СДСМ.

Новиот анкетен лист предизвика жестока дискусија во битолскиот Совет. Опозицискиот СДСМ обвини дека во рок од четири години, Талески ја зголемил имотната состојба за 6 милиони денари или за 100 илјади евра.
Совет на Општина Битола.
Совет на Општина Битола.

„Зголемувањето на вашата имотна состојба и на вашиот брачен другар од 6 милиони денари во изминатите 48 месеци, покажува дека вие месечно сте заштедиле по 125 илјади денари. Вие си знаете колкави ви се примањата, ваши и на брачниот другар, но мислам дека ако целосно сте ги заштедиле и ако ништо воопшто не сте трошеле во изминатите четири години сигурно немало да сте ја зголемиле имотната состојба за 6 милиони денари. Редно е на јавноста да и кажете дали покрај вашите и примањата на брачниот другар имате и останати?“, изјави Васко Ковачевски од СДСМ.
Целосно мојата имотна состојба од каде е, како е, објаснето е на мојот анкетен лист.
Владимир Талески, градоначалник на Битола.

Градоначалникот Талески возврати со обвинувања дека анкетниот лист за неговата имотна состојба го злоупотребуваат советниците од опозицијата за собирање политички поени за да стигнат до пратеничка кандидатура.

„Во противничкиот табор веќе започнала на големо кампањата кој ќе се најде на пратеничката листа. Можеби Васко, кој кутриот никогаш не стигна на листа, а сега го гледаме со имотната состојба на градоначалникот. Целосно мојата имотна состојба од каде е, како е, објаснето е на мојот анкетен лист, а вашето безобразие веќе нема крај, сакате по секоја цена да се најдете на некоја од листите за да добиете власт“, одговори битолскиот градоначалник.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG